пишува: МИЛАН БАНОВ
Се разбира, можел да се определи и некој друг датум за роденден на Скопје, но, ете, ние сме го одбрале 13 Ноември, денот на неговото ослободување во 1944 година, па така утре ја ставаме седумдесеттата роденденска свеќичка на славеничката торта на главниот град на Македонија. Нејсе, среќен ти роденден! Ќе го прославиме, повеќе или помалку, како и досега – ќе положиме цвеќе на споменикот на неговите ослободители, ќе го накитиме со знамиња, ќе пресечеме некоја црвена лента, ќе фрлиме некоја лопата, ќе отвориме некое училиште, детска градинка, уличка, кружен тек, нема да откриеме бронзена фигура на некоја значајна историска личност (оти бронза, по проектот „Груевски 2014“, веќе нема ни за лек), ќе ги поделиме „13 Ноемвриските награди“…, и ќе го чекаме неговиот следен роденден и него да го одбележиме „свечено и работно“.
Некои, меѓу кои јас, ќе слават тивко и во себе, патувајќи назад во времето со багажот на сентиментот и носталгијата, сеќавајќи се и учејќи го одново овој град за да може мирно и умно да се живее во него.
Покрај, нели, микроклимата која е постојана, непроменлива и стара, Скопје, горе-долу, има и стара местоположба, стамено Водно, малку поразлична Скопска Црна Гора, непрепознатлив, но сепак Вардар (до коленици, а пловен), стар поглед кон Шар Планина, исто небо, старо-нов градски парк, ново-стар Камен мост, Кале, разурнат Кермес, Езерце што чека дожд, Стара чаршија, некоја заборавена уличка, парче калдрма, осамена липа и костен, Ристиќева палата, Шкаперда, споменици на секој квадратен сантиметар, трошни и жилави куќи и куќарки во Дебар Маало и Маџир Маало… Нешто од старото што останало сигурно заборавив, но списокот е отворен и слободно пополнувајте ги празните места во него или, напросто, читајте го авторитетот Данило Коцевски – старата градска карта, сепак, ќе ви се сведе на скромни белези и скудни димензии.
Да, уверен сум дека многумина (а знам и кои) во ова ќе препознаат искубана четка со која се обидувам да насликам носталгичен, според тоа и анахрон скопски пејсаж, некоја скопска мртва природа на која ѝ поминало времето, а сепак инаетливо сака да ја засени сегашната слика за Скопје и да му се спротивстави на современиот град. Признавам, откриен сум – има во тоа вистина – со „старо Скопје“ (колку излитена синтагма) живеам само во сеќавањата, селектирајќи низ тоа буричкање по меморијата определени вредности, лирски секвенци од младоста, морални кодекси на времето, настани, луѓе, места, улици,објекти, кои, така барем мислам, не би требало да влезат во некој правлив и закатанчен подрум на заборавот.
Што се однесува до ова ново Скопје, еве, да му ја признаам модерноста, односно следењето на логиката на времето, современата форма, напредокот, големината, висината, брзината… И да, конкурентноста со светските метрополи, прифаќањето (или подобро, плагирањето) на тамошните закони, законитости и барања, усогласеноста со современиот начин на живеење, содејството со условите и потребите… Може ли при вакви околности да очекувам поинакви скопјани од овие кои денес виреат во скопскиот „нов Ерусалим“. Па сепак.
Иако свесен дека станува збор за бесплоден обид нешто суштински да се промени и дека ставот ќе ми наиде на потсмешлива реакција, сепак, ризикувам и го форсирам мислењето дека старото,односно традицијата чува определена вредност. Таа, да го парафразирам некогашниот градоначалник на Белград и еден од најголемите европски урбанисти, Богдан Богдановиќ (иако не баш секоја традиција и не каква било), кога ќе се пренесе на вистинскиот начин и во современото, секогаш нуди извесна стратегија за стабилност на чувствата, барањата и гледањата на нештата. И таа не треба да го плаши модерниот човек.
Или, ќе беше ли Скопје помалку убаво, модерно и надвор од светот и векот ако не се уриваше и уништуваше скопски препознатливото за да дојдат на негово место некои (или сите) кичерски објекти, светликави копии на оние од времето на неокласицизмот и барокот, некои, небаре, панаѓурски лицидерски срца со огледалца во кои јасно се огледа суетата и невкусот на архитектите на човечките души. Мораше ли таа гипсена проектно-насилна и криминална стихија да биде посилна од природните, од скопската поплава и земјотрес – да ги збрише градските јадра кои ја чуваа посебноста, значеа пријателство, зрачеа добрина; значеа чест и достоинство, зрачеа моралност и неизвалкани вредности.
Мораше ли да ни се случат Никола Груевски и неговиот гипсер Коце Трајановски кои заглибени во своето бездарништво, забеганост и отсуство на чувството за убавото и вредното, извршија геноцид врз Скопје; мораше ли судбината да ни ги додели овие полуписмени несреќници кои никогаш не слушнале за најголемиот светски архитект Ле Корбизие кој се воодушевил од традиционалната македонска куќа тогаш кога влегол во неа.
Па сепак, како и да е, старо или ново, убаво или „поубаво“, го сакам мојот град, му се радувам и утре ќе го славам неговиот роденден. Само на мене е да одберам дали тоа ќе биде „Идадија“ и никој, ама баш никој на овој свет не може да ми го одземе правото да празнувам низ сеќавањата и во минатото.