Бегалската криза и состојбата на мигрантите изгледаат незначително како тема во последниот период и покрај тоа што беа доста актуелни непосредно пред изборите, со иницијативите за распишување на референдуми во повеќе општини низ Македонија, за или против мигрантите.
Сепак, до активистот Јасмин Реџепи стигнала фотографија од загрижен родител од Гевгелија кој од своето дете добил анкетен лист со прашања поврзани со мигрантите од Иран, Сирија, Афганистан..
Секое дете добило по два анкетни листа, едно за него и второто за родителите.
„Сега кога и локалната власт е сменета, просветниот инспекторат треба да се погрижи да ги најде тие што ја делеле анкетата меѓу основците, како и директорите кои тоа го дозволиле. Нашите најмали требаат да бидат заштитени од секаков вид на ксенофобија и сѐ што истата би ја поттикнало, посебно кога реално ни тогаш, а ни сега нема значителен број бегалци кои би преставувале грижа за граѓаните“ изјави Јасмин Реџепи од „Легис“ за ЦИВИЛ Медиа.
Прашањето на кое се бара одговорот во анкетниот лист е дали имате нешто против доколку припадник на одредена нација:
-дојде во мојата земја како посетител
-живее постојано во мојата земја
-живее во мојата зграда или соседство
-да ми биде пријател
-да оди во училиште со моето/моите дете/деца ит.
Понудените одговори се: државјани на Иран, Афганистан, Ирак, Сирија…
Реџепи истакна дека овие анкетни листови биле поделени во ОУ„Владо Кантарџиев” во Гевгелија.
„Очекуваме да има одговорност и транспарентност за случајов во Гевгелија, но и да се истражи дали истото е сторено во други училишта низ државава“ им порача Реџепи на надлежните институции.
Биљана Јордановска