ВЕСТ НА ДЕНОТ
И Северна Македонија во списокот на непријателски земји на Руската Федерација
Владата на Руската Федерација објави список на земји кои вршат „непријателски дејствија против Русија“ меѓу кои е и Северна Македонија, соопшти прес-службата на Кабинетот на министри.
На списокот се наоѓаат Австралија, Велика Британија, земјите-членки на ЕУ, Исланд, Канада, Лихтенштајн, Монако, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореја, Сан Марино, Андора, Сингапур, САД, Тајван, Украина, Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Швајцарија, Јапонија и Микронезија.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Околу објавата од Руската амбасада во Скопје дека „евидентираат“ неистомисленици, етикетирани како „русофоби“, таа е непримерна и е класична закана. И ние ја интерпретираме како закана надвор од нормалната дипломатска комуникација“, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на новинарско прашање.
„Ова е класична закана, и не е објавена само кај нас, објавена е во сите земји во светот, пред сè во Европа, и ние ја интерпретираме како таква, како закана која е надвор од нормалната дипломатска комуникација, рече министерот Османи на денешниот брифинг.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
ФЛЕШ ВЕСТИ
НОН-ПЕЈПЕР Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, со нон-пејпер, покренува меѓународна акција чија цел е низ контакти луѓе со луѓе да се запознае руското општество со вистинските случувања во Украина и пренесување на пораката дека „народот не е виновен за конфликтите предизвикани од нивните ирационални лидери“.
ИСТРАЖУВАЊЕ Новата анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Северна Македонија покажува зголемување на кинеското и руското влијание, недостаток на транспарентност во политичките партии и поддршка за иницијативата „Отворен Балкан“.
МО „Целосно ја осудуваме руската инвазија на Украина. Северна Македонија заедно со сојузниците во НАТО дава силна поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и нападот од Русија е повреда на меѓународното право и на човековите права во Украина“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на тркалезната маса која се одржа денеска во кралскиот институт РУСИ (The Royal United Services Institute) во Лондон, Обединетото Кралство, на тема „Современи безбедносни закани и нивното влијание врз Западниот Балкан“.
ЕКОНОМИЈА Finance Think оценува дека постигнатото решение за усогласување на пензиите е коректно поради тоа што не ја нарушува патеката на стабилизација на пензискиот фонд отпочната по 2019 година, и обезбедува пристојно зачувување на животниот стандард на пензионерите.
САНКЦИИ Нетфликс и ТикТок ги прекинаа повеќето од нивните услуги во Русија во неделата, бидејќи руската влада презема мерки за тоа што луѓето и медиумите смеат да кажат за руската војна во Украина, пренесува АП њуз.
СРЕДБА Според изјавата на турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, шефовите на дипломатиите на Русија и Украина ќе се сретнат во четврток во Турција, пренесува Си -Ен – Ен.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио, интервју на Зоран Иванов со Тефик Махмут – борец за правата на Ромите, дипломец по меѓународно параво, магистер од Оксфорд, граѓански активист, претседател на политичката партија ОПРЕ РОМА. Тој зборува за дискриминаторската положба на Ромите во земјава, игнорантскиот однос на институциите по основ на уставната подлога за правична застапеност, еволутивното и револутивното во граѓанската и во политичката борба за еднаквост.
ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
Во рамки на серијата настани „Во фокусот на ЦИВИЛ“, организацијата ќе одржи онлајн панел дискусија на тема „Еднаквост на жените: Длабока хибернација“, во среда, 9 март, со почеток во 13:30 часот.
На панелот ќе се отворат прашања за институционалниот, државниот и општествениот однос за правата на жените, зошто еднаквоста на жените во секој аспект е се уште на декларативно ниво, за причините, дејствијата и решенијата по ова многу важно прашање.
*
На 8 Март, со почеток во 12 часот пред Влада со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, но свесни за секојдневните системски недостатоци кои го загрозуваат нашето постоење како слободни, еднакви, достоинствени и безбедни, оваа година маршираме под слоганот „Сиромаштијата има женско лице“, велат од Платформа за родова еднаквост.
ЕДИТОРИЈАЛ
„Путин е тој што не го сакаме, ние и безбројните милиони Русинки и Руси, затоа што е убиец и затоа што веќе го уништи животот на милиони луѓе низ Европа и Азија. Сега сака да ја уништи и украинската нација. Се заканува дека ќе го уништи целиот свет, со бледата рака на црвеното копче.
Ние не сме русофоби. Напротив, Русија ја почитуваме, а многумина од нас и ја сакаат искрено. Путин ја мрази Русија и се плаши од неа. Се плаши од Русија слободна, мирољубива, развиена и отворена. Токму Путин и неговата клика се своевидни русофоби“, пишува Џабир Дерала во едиторијалот „Црната листа на Лудакот“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Западниот бран од откажувања и забрани за настапи на руските уметници и спортисти е една од оние заканувачки последици што големите воени виори, како кога со голема секира се сече тенко дрвце, ги шират и врз општествените области кои не се на „теренот“ на воено-политичките операции и агресорските пропагандни машинерии. Во изминатите десетина дена се откажани или одложени стотици помали и поголеми културни и спортски настани во кои изведувачи се руски уметници или спортски поединци и репрезентации што ги бранат боите на Русија“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Русофобијата се шири побрзо од омикрон“.
„Секојдневно Украинците го напуштаат својот дом со еден куфер и ранец на себе во потрага по спасување на жива глава. Со себе ги носат своите деца, своите повозрасни родители и роднини. Па, поминуваат низ небезбедни коридори кои неколку пати се реотвораат. Завршуваат надвор од границите на својот дом кој за момент може да биде срамнет со земја и се’ да се претвори во прашања“, пишува Сотир Габелоски во Брза пошта, „Замислете си дека мора да го напуштите својот дом…“.
Д. Муратов