СОТИР ГАБЕЛОСКИ
Ставете се во позиција да мора да го напуштите својот дом за да си го спасите животот, како што тоа се случува 12 дена во Украина. Замислете што би зеле, колку би зеле, каде би оделе и како би го напуштиле домот кој сте го негувале и граделе со години, а можеби и генерации.
До вакви прашања доведе руската инвазија на Украина која се зголемува од ден во ден. Секојдневно Украинците го напуштаат својот дом со еден куфер и ранец на себе во потрага по спасување на жива глава. Со себе ги носат своите деца, своите повозрасни родители и роднини. Па, поминуваат низ небезбедни коридори кои неколку пати се реотвораат. Завршуваат надвор од границите на својот дом кој за момент може да биде срамнет со земја и се’ да се претвори во прашања.
За ваков ли нов поредок размислувале луѓето и лидерите по Втората Светска Војна, Студената војна, паѓањето на Берлинскиот ѕид? Дали ова е пост модернизмот? Наместо развој на глобалното село, се случуваат војни кои се само одлика на едно уназадено време со кое мислевме дека завршивме?
Изминатите 12 дена донесоа многу неизвесност за светот во кој живееме. Војните на Блискиот Исток делуваа далечни, но денес тие се случуваат не толку далеку од нашите порти. Прашања и дилеми имаме многу, но одговорите се намалуваат, како што Русија напредува во освојувањето на Украина.
Текстот е личен став на Авторот