Во пресрет и за време на Самитот на НАТО во Вилнус, руската пропаганда го нападна информативниот простор со фалсификати и манипулации за да ја поткопа довербата меѓу партнерите, пишува ЦИВИЛ медиа во анализата „Топ 5 руски фалсификати за самитот на НАТО во Вилнус“.
Една од овие дезинформации и манипулации е дека Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг е разочаран од резултатите од украинската контраофанзива на југот.
Лажно: Руските медиуми ја пренесоа веста дека генералниот секретар на НАТО, наводно, признал „сериозни проблеми“ во „напнатата“ офанзива на украинските одбранбени сили на југ во интервју за Политико. Со ширењето на оваа изјава, пропагандата се обидува да докаже дека западните партнери не веруваат во успехот на Украина.
Факт: Во гореспоменатото интервју, објавено во пресрет на Самитот во Вилнус, генералниот секретар на НАТО оптимистички ги оцени перспективите на вооружените сили на југот и истакна дека и покрај тешкотиите, украинските војници напредуваат. Руската пропаганда измислила цитат на Столтенберг и му припишала зборови кои тој не ги кажал.