НАСТАН НА ДЕНОТ
Во фокусот на ЦИВИЛ: Руско-украинската криза и Северна Македонија
ЦИВИЛ денеска одржа панел дискусија на тема „Руско –украинската криза и Северна Македонија“ како дел од серијата настани „Во фокусот на ЦИВИЛ“.
Учесници на панелот беа Амбасадорката на Украина, Н.Е. Наталија Задорожњук, раководителката на проектот „Дезинформациите и информациската дисторзија во Северна Македонија“, Росана Алексоска од граѓанската асоцијација МОСТ, деканка на правниот факултет на универзитетот „Визион“ – Гостивар и прва жена докторантка на Воената академија, Весна Попоска, како и новинарите и аналитичари Александар Николиќ Писарев и Љубомир Костовски. Дискусијата ја модерираше Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ и главен уредник на ЦивилМедиа.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Задорожњук: Имаме силна поддршка од западната цивилизација кои ја разбраа суштината на рускиот режим и руската политика
„Имаме една од најмоќните армии во светот. Имаме силна поддршка од земјите од западната цивилизација, кои ја разбраа суштината на рускиот режим и руската политика. Денес Русите доаѓаат по Украина, а утре по Полска, Романија, Балтичките земји, земјите од Балканскиот регион.
Заедно со нашите сојузници формулиравме три насоки за одвраќање на Русија – дипломатско-политичка, економско-санкциона и воено-техничка. Политичката е солидарност со Украина, економската е зајакнувањето на политиката на санкции што ја прави Русија многу послаба, а третата е воената помош, обезбедувањето на одбранбено оружје.
Во оваа насока, исто така, очекуваме јасна и недвосмислена политичка поддршка од пријателската Северна Македонија. Очекуваме приклучување кон санкциите на Европската Унија (не може да се седи на две столчиња, има моменти во животот кога треба сам да одлучиш, пред се на која страна од барикадата си. Украинците имаат многу убедливо негативно искуство со неутралноста). Ако одиме во ЕУ и НАТО, ако сме дел од европските вредности, тогаш тоа го демонстрираме не само со зборови, туку и со нашите постапки и дела“, изјави меѓу другото Амбасадорката на Украина, Н.Е. Наталија Задорожњук на панелот на ЦИВИЛ „Руско -украинската криза и Северна Македонија.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПРАВДА Уставниот суд ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 5 став 3 и член 13 став 2 од Правилникот за внатрешниот ред на Собранието на Република Македонија поднесен од политичка партија Левица од Скопје.
ЛАЖНИ ВЕСТИ Аналитичарот Ненад Јовановски, на својот Фејсбук профил објави демант на текстот објавен на порталот Република, во кој се тврди дека Јовановиќ бил на платниот список на Општина Тетово.
ЗЕЛЕНИ Следен предизвик за Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Тетово и Владата ќе биде создавање на таканаречена „Зелена зона“ со дополнителни инвестиции во капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори. Според министерот за економија Крешник Бектеши, ова е доказ дека јавно приватното партнерство на Владата со компанијата Нормак Груп за ТИРЗ Тетово е успешно на повеќе нивоа.
ИЗМАМА Од АД „Пошта на Северна Македонија“ испратија предупредување до јавноста дека на социјалните мрежи се појавува дезинформација за достава на поштенски пратки и износ кој корисникот треба да го плати за да ја подигне својата пратка.
МВР Во текот на вчерашниот ден (08.02.2022), во две големи акции на МВР за сузбивање на шверц со дрога, на две различни локации во државата, на подрачјата на СВР Струмица и на СВР Битола – ОВР Ресен, беа запленети 1 тон и 600 кг наркотична дрога во вредност од 3 милиони и 200 илјади евра
СЛОБОДНА ЗОНА
„А, всушност, отсекогаш се работело само за тоа дека треба да се поапсат неколку свои партиски членови со „долги прстиња“ од локалната самоуправа кога ќе им дојде времето за апсење (по игра на случајот, знам некои од батките на ВМРО од Аеродром и Ново Лисиче кои Тимчо не ќе смее ни во очи да ги погледа за доброутро); и на Зоран Ставревски, кога ќе го испрати Христијан Мицкоски во општината, да му се каже НЕ. Може ли Муцунски тоа да го направи? Не може. И џабе му се и Конрад и Јустинијан после во проектот.“, прочитајте во колумната на Сашо Орданоски „Јустинијан и Конрад од Ново Лисиче“.
Д. Тахири