Министерството за култура ќе го укинува Законот за поддршка на домашната музичка продукција, со кој се потрошени 2 милиони евра, од Буџетот, за финансирање создавање македонска народна и забавна музика.
Како што соопштија од Министерството, Законот не ги дал очекуваните ефекти, од причина што иако за избраните композиции се продуцираат аудио и видео записи, дел од нив не биле воопшто емитувани, а дел од нив биле емитувани во мал обем на радијата и телевизиите.
“Од наведените причини објективно и не може да се направи евалуација на позитивните ефекти од поддршката на создавање на нови композиции. Со оглед на тоа што аудио и видео записите за композициите не беа во доволен обем достапни на пошироката јавност се поставува прашањето за оправданоста од ваквиот начин на финансирање на создавање на нови композиции од областа на забавната и народната музика со средства од Буџетот на Република Македонија.” стои во соопштението на Министерството.
Започната е постапката за носење на нов закон, со кој ќе се укине претходниот, и следниот месец треба да биде изготвен нов предлог закон. Според Министерството, заинтересираните страни можат да доставуваат предлози, коментари и забелешки на текстот на Законот, во следниве 20 дена.
Субвенционирањето музика, според законското решение, требало да трае до декември 2023 година, а за десетгодишната примена би требало да се обезбедат околу 5 милиони евра буџетски средства и од Министерството додаваат дека според законските прописи постојат и други можности за стимулирање на продукција на народната, забавната и другите видови музика.
А.П.