„Утрото по изборите е секогаш попаметно отколку вечерта по нив. Резултатите ги видовме, честитките се испорачани, оставките депонирани. За учесниците во изборната трка и нивните штабови следуваше долга, непроспана ноќ, за секого од различни, спротивни причини.
Сега сите си го поставуваат прашањето што ќе се случува понатаму?“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Цунамито помина, следува спасувачката мисија“.
СОРАБОТКА САД очекуваат да ја продолжат соработката со Северна Македонија во областите од заеднички интерес, соопшти Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски јазик, одговарајќи на барањето да ја искоментира оставката на премиерот Зоран Заев по завчерашните локални избори.
– Американската амбасада ги следи настаните по вториот круг локални избори, вклучувајќи ја и најавата за оставка од премиерот Зоран Заев, се вели во изјавата од портпаролот на Стејт департментот.
Во изјавата се нагласува дека „САД ја сметаат Северна Македонија како доверлив и ценет партнер во регионот, и со нетрпение очекуваат да продолжи соработката со Владата на Северна Македонија во областите од заеднички интерес додека го продолжува напредокот што го постигна кон евроатлантската интеграција“.
ЗНМ По повод Меѓународниот ден за прекинување на политиката на неказнивост на насилството врз новинарите, Здружение на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници денеска (02.11) во 11.00 часот ќе одржи прес пред Основното јавно обвинителство (ОЈО).
ССНМ Излезе новиот број на публикацијата на ССНМ – „Новинарството како јавно добро“. Тема на изданието за месец октомври е „Колку медиумите се отпорни на лажни вести и дезинформации“ што ја анализираме во главниот текст на Теофил Блажевски со наслов – Телевизиите иако поотпорни, сè уште се моќни преносители на дезинформации.
ПОГИГАЊЕ НА ЈАВНАТА СВЕСТ Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“ ја најавува изложбата на фотопортрети „И јас сум тука“, која ќе биде отворена денеска во 19 часот во холот на Кинотеката. Во изложбата се вклучени фотографии на 20 лица со посебни потреби од повеќе градови од државата на различна возраст, а портретите се придружени и од приказни посветени на нив.