Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека имал „исклучително негативна“ реакција на извештаите дека Русија напредува со својот план за распоредување тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, додека Европската унија го осуди планот.
Ројтерс пренесува дека според високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел „ова е чекор што ќе доведе до натамошна, крајно опасна ескалација“.
Русија во четвртокот потпиша договор со Белорусија за складирање на боеви глави во објект што треба да биде завршен за нешто повеќе од еден месец. Белорускиот претседател Александар Лукашенко подоцна изјави дека трансферот на дел од оружјето веќе е започнат.
Борел истакна дека договорот е во спротивност со неколку меѓународни договори.
Ја повикуваме Русија да ги исполни овие обврски. Белорускиот режим е учесник во незаконската и неиспровоцирана руска агресивна војна против Украина, додаде Борел, нагласувајќи дека секој обид на „понатамошна ескалација на ситуацијата ќе биде исполнет со силен и координиран одговор“.
Г. Т.