Петрит Сарачини и Павле Богоевски, денеска преставници во новата влада, но пред сè граѓански активисти што се вложија себе си во борбата за слободно општество и демократија, присуствуваа на изложбата и перформансот „Протест(и)“ на фотографот Александар Кондев.
„Ова е една приказна што мислам дека ќе ни треба една историска дистанца за да се вреднува онака како што треба… Ние имавме заробена држава. Шарената револуција беше иницијалната каписла која ја ослободи државата. Имавме институции кои беа криминални и партизирани, сега имаме можност тие институции да ги поправаме и унапредиме. Имавме брутално насилство во општеството, брутална пропаганда, заробени медиуми, а сега имаме еден критички простор и јавен дискурс“, изјави Петрит Сарачини, посебен советник во Министерството за култура.
Независниот пратеник Павле Богоевски, кој активно учествуваше во Шарената револуција, смета дека малку е направено за документирање на протестите и што тие значеа за демократското општество.
„Дефинитивно е одлична прилика за потсетување на она што се случуваше, низ што поминавме и до каде сме. Многу позначајно е кој пат останува пред нас… Фактот дека најголем дел од фотографиите се од средината на толпата, прикажани се емоциите на луѓето и на полицајците што учествуваа во самите протести даваат една посебна емотивна тежина која те враќа барем за момент на сето она што се случуваше“, изјави Богоевски.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов