Премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски објави фотографии од денешниот координативен состанок на стратешкиот тим на СДСМ на кој што од приложеното може да се забележи присуството и на поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев.
„СДСМ има долгогодишно државничко и партиско искуство, посветеност и полна енергија да продолжи со победа и брз чекор по европскиот пат. Денешниот координативен состанок на стратешкиот тим е во оваа насока – да направиме сè, да овозможиме целосен државен и национален консензус за исполнување на определбата на огромното мнозинство граѓани, да станеме полноправна европска држава до 2030г. Европскиот пат и полноправното членство во ЕУ е највисок државен и национален, македонски приоритет. Ова е клучен момент, се работи за сегашноста, стабилноста и извесната иднина на сите наши граѓани, за иднината на денешните и идните генерации. Граѓаните заслужуваат европски квалитет на живот и европски животен стандард, во европска држава, а тоа да биде нивната родна земја, нивната татковина“, потенцира во објавата Ковачевски.
Поранешниот премиер Зоран Заев после средбата со Ковачевски, во објава на Фејсбук, истакна дека „Демократскиот блок здружува, тоа е единствената формула за нов македонски успех.
Заев порача дека социјалдемократите имаат одговорност да преземат одлучни чекори.
„Мораме да осигураме просперитет за македонските граѓани и извесна иднина за нашата држава. Членството во ЕУ сега се чини најдостижно. На тој пат, ние социјалдемократите, имаме државничка одговорност да преземаме храбри и одлучни чекори. Демократскиот блок не исклучува, тој здружува. Тоа е единствената и проверена формула за нов македонски успех“, напиша Заев.
Ј. Ѓ.