Повторно висок број на новодијагностицирани лица со Ковид-19 е регистриран во текот на вчерашниот ден. Најголем дел од новите 72 случаи се бележат во Скопје – 20, во Куманово -14 и во Тетово – 10. Притисок во болниците и амбулантите засега нема.
Во зависност од моменталната состојба, здравствените власти ќе разговараат и за евентуални рестриктивни мерки, прво насочени кон оние кои не се вакцинирани. Постои можност да се оди по примерот на некои други земји во делот на ограничување на влезот во затворени простории, поточно, да се бара задолжителна потврда за вакцинација. И покрај тоа што е сега прилично мирно, министерот за здравство Венко Филипче завчера оцени оти е можно овој тренд на пораст да продолжи и понатаму, но вели дека будно ја пратат состојбата.
Вкупно во земјава од почетокот на епидемијата се регистрирани 156.452 ковид-дијагностицирани лица, бројката на оздравени пациенти е 150.371, на починати е 5.493, а бројот на активни случаи изнесува 588.
Здравствените власти интензивно ги пратат и анализираат препораките во однос на вакцинацијата. Можните сценарија според Филипче се да има препорака за трета доза на вакцини или вакцината да стане сезонска. Но, повеќе сознанија за тоа дали вакцината ќе стане сезонска или не, се очекуваат во септември или октомври./ МИА