ВЕСТ НА ДЕНОТ
Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски, ја започна својата прва официјална посета на Брисел со средба во седиштето на НАТО со генералниот секретар, Јенс Столтенберг, јави дописничката на МИА од Брисел.
Шефот на Алијанса истакна дека одлуката на Ковачевски да го посети НАТО веднаш по неговото доаѓање на премиерска функција е доказ за личната посветеност на премиерот кон Алијансата.
– Северна Македонија му се приклучи на НАТО пред речиси две години, вие се покажавте како високо вреднуван партнер, стабилноста на Западниот Балкан е од голема важност за НАТО и ги поздравуваме вашите напори за промовирање на безбедноста, стабилноста и напредокот во регионот, ова го вклучува и вашето учество во мировната мисија во Косово, изјави Столтенберг по средбата со македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Народниот правобранител ги охрабрува родителите за вакви случаи да не молчат, туку да се обратат до институциите, со цел навремена заштита на правата на нивните деца гарантирани со законите. Исто така, смета дека е добро што медиумите покажуваат сензибилност и ги објавуваат сториите, но укажува на фактот дека при објавувањето на овие стории мора максимално да се води сметка за заштита на најдобриот интерес на детето и да се избегнуваат експлицитни кадри или фотографии од децата“, соопштува Народниот правобранител во врска со случајот на малата Ембла Адеми од Гостивар, откако вчера во јавноста и медиумите одекна информацијата дека родителите на учениците од едно одделение од гостиварското основно учлилиште „Башкими“ одлучиле да не ги пуштаат децата на настава поради тоа што во училницата учи и 11-годишната Ембла, дете со Даунов синдром.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОДДРШКА Како што информира МТСП, на средбата се разговарало за тековните проекти и активности, во кои Министерството има значајна поддршка од УНИЦЕФ, како што е деинситуционализацијата и воспоставувањето на новите форми на згрижување, згрижувачките семејства, малите групни домови, како и социјалните услуги на локално ниво како дел од социјалната реформа.
БРИФИНГ Западот своите стратегии во однос на Русија треба да ги претвори од реактивни во проактивни. Путин и неговите соработници постојано бараат од сите да објаснат, цитирам, „како партнерите ја разбираат својата обврска да не ја зајакнуваат сопствената безбедност на сметка на безбедноста на другите држави“, изјави шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба на прес-конференцијата на која присуствуваа вкупно 220 новинари од сите континенти, меѓу кои и новинари од Цивил Медиа.
ПРАВДА Трајко Вељаноски и Драги Рашковски ќе се бранат од слобода. За нив повеќе не важи мерката домашен притвор. Апеалциониот суд во Скопје за нив ја укина таа мерка. Поранешниот собраниски спикер Вељаноски гарантирал со близу 210.000 евра во имот дека нема да избега. Ако не се јави во суд и ако избега, државата ќе му ја одземе куќата, гаражата и земјата кој ги дава под државна хипотека. Апелација образложи зошто го ослободи Вељаноски.
БЕЗБЕДНОСТ Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска информираше дека се очекува наскоро да биде завршена финансиската конструкција за новиот систем „Безбеден град“ (Safe city), додавајќи дека постоечкиот не може да контролира сообраќај, а идејата е да се направи систем којшто покрај за јавната безбедноста, ќе се користи и за контрола на сообраќајот.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Уште не беше поминат првиот бран на омраза со поддршка на гнасните објави на социјалните мрежи (Фејсбук и Твитер), кога темпото на омразата и дискредитацијата се засили уште повеќе. Министерката Петровска даде изјава (24 јануари, ТВ Телма) за македонските национални интереси и безбедноста во контекст на руско-украинската криза. Во изјавата, таа ја изрази поддршката на нашата држава за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Тогаш, нападот доби „повод и содржина“. Десничарите се нафрлија на оваа изјава, повторно без аргументи, туку со манипулирање на изјавата до непрепознатливост. Забележливо во организираната хајка против Министерката за одбрана беше крајното потценување на капацитетите на сопствената земја, а глорифицирање на руската воена моќ“, пишува Џабир Дерала во колумната „Прво омраза и дискредитација, а потоа повторување на истите ставови“.
„Ваквата експресна реакција (приведен заканувачот на Јовески и Рускоска) на нашите институции наместо граѓаните да ја поздрават, наиде на низа коментари на социјалните мрежи, односно дека системот функционира само тогаш кога се работи за „главите“ на челниците.
Во изминатиот период има(ше) низа на заканувачки пораки, особено на социјалните мрежи, упатени кон граѓанските активист(к)и, жените, ЛГБТИ заедницата, политички неистомисленици итн… меѓутоа институциите молчат, или предметите (со години) сè уште им се во тек.
Граѓаните се изморени од селективна правда, тие бараат системот подеднакво да функционира за сите без разлика дали се работи за закана или говор на омраза кон обвинител(к)и, новинар(к)и, активист(к)и, политичар(к)и…
Како и да е, системот конечно профункционира, но до кога, и дали ќе функционира подеднакво за сите?“, пишува Дехран Муратов во блицот „Системот конечно профункционира“.
Д. Мишев