УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Зоран Заев ги поремети повеќето „правила“ во вака воспоставениот систем на информирање, вклучувајќи ја и работата на неговата партиско-владина пропаганда: во последните четири-пет години тој стана достапен, 24/7, буквално до сите новинари, стотици, кои имаа потреба или желба нешто да го прашаат. Од нивните телефони би можело да се „искројат“ стотици афери, ако ви е тоа намерата. Познавам, а и соработувам со десетина новинари кои дневно разменуваа по 3-4-5 пораки со доскорешниот премиер, за сѐ и сешто од владините и партиските активности, без никакви уредувачки, идеолошки или „бизнис“ насоки (а и последици!) од повисоките медиумски инстанции., читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Режим“ од кој „диктаторот“ сам си даде оставка – многу јако!“
ЦИВИЛ со осуда на секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин
ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, која во континуитет спроведува мониторинг на општествените и политичките процеси, како и на дезинформациите и говорот на омразата. Организацијата остро го осудува секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат дезинформации и говор на омразата преку онлајн Граѓанска пријава, како и во директна комуникација со организацијата.
НАСТАНИ
ДОГОВОР: Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и амбасадорката на Соединетите Американски Држави Кејт Мари Брнз денес ќе потпишат договор меѓу Северна Македонија и САД со кој се поддржува почитувањето на човековите права при дејствување на безбедносни сили.
Договорот произлегува од т.н Лејхи закони кои предвидуваат забрана за американскиот Стејт Департмент и Министерството за одбрана на САД да пружаат воена помош, поддршка, обука и тренинг на единици или поединци на безбедносни сили од други држави за кои има кредибилни обвинувања дека прекршиле човекови права, а притоа не се преземени чекори сторителот или сторителите да бидат кривично – правно гонети.
ЦЕНТРАЛЕН ОДБОР: Денеска треба да заседава Централниот одбор (ЦО) на СДСМ, која ќе биде прва седница по изборот на новиот партиски лидер, Димитар Ковачевски, а на која се очекува тој да биде потврден и за мандатар за формирање нова влада. Очекувањата се и дека ЦО ќе избере и ново партиско раководство што би значело нов состав на Извршниот одбор, како и нови потпретседатели и секретари на партијата, по предлог на наследникот на Зоран Заев на „Бихаќска“.
СЕДНИЦА: Собранието денеска ќе ја одржи 59-тата седница на чиј дневен ред, меѓу останатите, е и Предлог-законот за развој, производство и промет на воени стоки, во второ читање.Во рамките на седницата ќе бидат разгледаат и предлог законите за изменување на Законот за надворешни работи, по скратена постапка. Пратениците ќе разгледаат и три барања за автентично толкување.
КУЛТУРА: Книгоиздателство Темплум по 12-ти пат го организира Малиот новогодишен саем на книги, кој ќе се одржи од денеска до 30 декември во книжарницата „Гладно срце“.
Во рамки на книжевната програма на настанот ќе се одржи и традиционалното доделување на наградите „Новите!“ за дебитантски прозен ракопис и „Лифт“ за македонски стрип.
КОМИСИЈА: Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.
Единствена точка на дневниот ред на седницата е разгледување на Годишниот извештај за работата на Судскиот совет за 2020 година.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев