Управителот на компанијата „Трансмет“ Сеад Кочан денеска во Кривичниот суд Скопје е осуден на шест години затвор за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, односно дека со лажни документи учестувал и добил тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“ на АД ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра, за што го товареше Специјалното јавно обвинителство.
Второбвинетиот Василие Авировиќ, во свпојство на управител на фирмата „Силекс неметали СТ“ за истото дело доби три години затвор. Тој денеска не присуствуваше на изрекување на пресудата бидејќи не се чувствувал добро.
Судијката Лидија Трајковска Зимбовска го ослободи од обивинение третообвинетиот Сафет Ватиќ, затоа што делото за кое се гони не е кривично дело..
За овој предмет од ноември лани беа одржани над 20 рочишта.
Обвинетите свесно ги повредиле законските одредби, заради остварување имотна корист, рече судијката Трајковска Зимбовска.
Обвинителите од СЈО побараа прво и второобвинетиот да бидат осудени, а фирмите „Трансмет“ ДОО Скопје и „Силекс неметали СТ“ преку конфискација да вратат во државниот буџет 17 милиони евра.
Судењето „Труст“ почна во ноември минатата година. Обвинетите Сеад Кочан, Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ пред Судот во завршните зборови се изјаснија дека не чувствуваат вина за делото за кое се товарат. (МИА)