„Навистина верувам и мислам дека треба да ја повторуваме таа порака дека нашите идентитети се градат токму во интеракција со различностите и со различните од нас. Во таа смисла да ја поддржам тезата, што ја кажа и претседателот Пендаровски, дека нашиот идентитет никако не може да биде загрозен, туку може да биде зацврстен на патот кон ЕУ“, истакна пратеничката Санела Шкријељ на конференцијата на ЦИВИЛ „Односи меѓу заедниците: Перцепции, надежи и стравови, предизвици и решенија“.
„Мултикултурализмот како една од основните европски вредности навистина гледаме дека се соочува со предизвици на глобално ниво, во нашиот регион, во ЕУ и тоа се прелева секако и во нашата држава. Сведоци сме дека после сите кризи што изминаа и кои што уште траат, дека многу често национализмот, популистичката реторика, знаат да пласираат и креираат искривена перцепција дека тие се решението, а не всушност дел од проблемот со кои се соочуваат државите во денешно време“, истакна Шкријељ.
Шријељ истакна дека антидемократските, антиродовите движења, нападите врз правата на жените, на ЛГБТИ заедницата се засилени и насочени кон поткопување на концептот на почитување на различностите.
„Еден од основните проблеми што треба да ги адресираме во општеството е да не живееме едни покрај други и само да се толерираме, туку навистина да живееме едни со други“, вели Шкријељ.
„Ако зборуваме за долгорочни решенија, ќе се согласам дека клучот е во образованието за вклучување на различностите, како основна вредност на нашиот образовен систем и промоција на интеркултурните вредности“; изјави Шкријељ.
Б. Ј.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети