Македонската филхармонија, на втори февруари, ќе одржи симфониски концерт со наслов „Поезија и драма“, кој ќе биде посветен на недоамна починатиот маестро Саша Николовски – Ѓумар, еден од најистакнатите македонски диригенти.
Под диригентската палка на маестро Емил Табаков од Бугарија, оркестарот ќе ги изведе Увертирата од операта „Танхојзер“ и „Прелудиум и смрт“ од „Тристан и Изолда“ од генијалниот германски композитор Рихард Вагнер. Солист на концертот ќе биде еден од најистакнатите млади македонски пијанисти, Дино Имери, кој ќе ги изведе познатите „Фантазија на унгарски фолклорни теми“ и „Танц на смртта“, од унгарскиот врвен пијанист и композитор Франц Лист.
Диригентот и музички педагог Саша Николовски – Ѓумар е роден во Битола во 1966 година. По завршувањето на средното образование, се запишува на Електротехничкиот факултет во Скопје, кој подоцна го напушта за да се занимава со музика. Се запишува на Факултетот за музичка уметност на Отсекот за музичка теорија и педагогија каде дипломира како најдобар студент на генерацијата и на Отсекот композиција и диригирање, каде дипломира со највисоки почести, диригирајќи ја Вердиевата опера „Травијата“ во Македонската опера и балет. Од 1993-та, прерано починатиот Николовски беше музички директор на Летниот музички камп на Музичката младина на Македонија и шеф–диригент на Младинскиот камерен оркестар, диригирајќи бројни изведби на „Охридско лето“ и на „Скопско лето“.