пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Со падот на Катица Јанева во очите на јавноста, не значи дека паѓа и правдата и правото. Со апсењето на Боки 13, Кичеец и Јанева, не значи дека паѓа СЈО, а ниту предметите, добро или лошо водени, недоволно или доволно на број, туку значи дека системот, сепак, функционира. Ако може да падне и една од иконите на отпорот, како што беше Катица, затоа што не одолеала на сјајот на среброто, значи секој може да падне ако сторил кривично дело, не дека се распаднал системот. Не, сѐ уште.
Разочарувачки е како сѐ зависи од политиката. Законите, уште пред да се обиде системот да ги спроведе, зависат од политичките преговори. Апсурдно е обвинетите во предметите на СЈО да преговараат за својата судбина. Дополнително, со сите пари што ги украдоа, со сиот кеш со кој располагаат, го деградираат системот, институциите од внатре, го уриваат нивниот углед, поистоветувајќи ги, преку медиумите што ги контролираат, луѓето што успеале да ги купат со институциите во кои тие работеле или ги воделе. Едноставна замена на тези, и дете може да ја види измамата во оваа операција!
Да, апсурдно е, Илија Димовски или Христијан Мицкоски и Никола Груевски (по Фејсбук и на тајните средби во Будимпешта) да го диктираат македонското темпо на демократизацијата, донесувањето на законите, внатрешната интеграција и прогресот во ЕУ и НАТО интеграциите. Но, уште поголем апсурд е медиумите, партиските и невладините тролови по социјалните мрежи да бидат истовремено тужители, адвокати, судии и џелати, а системот да биде парализиран на преговарачката маса на која доминираат криминалци. Најгрда од сите слики за ова општество е онаа за јавност што премногу лесно потпаѓа под влијание на криминалците кои и не се трудат премногу на спиновите и лагите да им дадат интелигентен заплет, напротив. Затоа… Неприфатливо е луѓе што до вчера биле интелектуалната острица на општеството што се бореше против режимот, сега да бидат толку слепи пред сето тоа што се случува. Или, простете, можеби сјајот на среброто е премногу заслепувачки…
Ако СЈО го водел човек што во еден момент се поклонил пред сјајот на среброто, не значи дека пропаѓаат предметите што ги водеше и сѐ уште ги води СЈО. Не значи дека, ако СЈО водело предмети што не се толку големи и значајни во споредба со целокупниот криминал на Фамилијата, сега треба сѐ да се отфрли и да се ослободат од вината што е докажана или се докажува во овој период. Напротив! Сетете се на Ал Капоне што беше затворен за таење данок и доби (само) седум години затвор, иако историјата бележи дека тој, меѓу другото, е директно виновен за неколку десетици ликвидации и илјадници уништени семејства и животи.
Системот и општеството се во трка со времето. За жал, времето работи за криминалците поради политиката и институциите на системот (Собрание, на пример) во која сѐ уште имаат своевидно мнозинство што ги надминува партиските и коалициските граници. Не значи дека, ако во политичките преговори не се постигне договор за закон за обвинители, што ќе обезбеди побрза и поцврста правда, дека е виновен Зоран Заев. Необјасниво е како јавноста и нејзините експоненти, „брилијантните“ умови во експертската, медиумската и невладината „елита“, не собраа сили да извршат притисок и врз тие што се нарекуваат политичка опозиција (иако друг назив ќе биде посоодветен), туку својот отров го истураат врз оние што имаат само 49 од 120 места во парламентот.
Криминалната клика, што беше на власт 11 години, и сега држи ортоми, не конци, во власта. Партизираноста, непотизмот и корупцијата беа издигнати на ниво на систем, условно речено, до вчера. Немаше ни демократија, ни медиуми што тоа смееја да го кажат. Сега постои влада, или барем дел од неа, што манифестира одлучност тоа и да го елиминира, колку што може, колку што знае. Ни оддалеку не е доволно успешна во тоа, но за да биде успешна, не ѝ се доволни ресурсите што ѝ се на располагање, тоа е барем повеќе од очигледно.
Ќе дојде мигот кога ќе мора да се плати цената за затворањето очи пред очигледните работи. Тогаш можеби ќе биде предоцна, но, пред да се признае конечниот пораз што општеството ќе го претрпи од организираниот криминал, вткаен во политиката и во системот, ќе мора да се отворат очите пред она што луѓето го „купиле“. Освестувањето ќе биде многу болно. Ќе станат очигледни големите жртви што ги дало општеството, додека криминалците ја однеле победата врз грбот на хипнотизирани или евтино купени души. Ова е реална можност.
Но, за среќа, општеството и државата сѐ уште имаат шанси да го победат криминалот, и да не дозволат да се врати диктатурата во уште потешка и понасилна форма од порано. Но, за тоа да се случи, потребно е да се отворат очите пред фактите, а да се затворат пред сјајот на среброто.
ПС: Во наредната епизода од овој мафијашки трилер, ќе ви цитирам неколку извадоци од закони и меѓународни извештаи. Без прекари, без заобиколувања. Ако во меѓувреме падне и апсењето што е според еден од тие цитати, уште подобро за правдата, иако „рафалот“ ќе биде застарен… Но, подобро застарен „рафал“, отколку застарено дело, нели?
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.