„Имајќи ги на ум овдешните поучни и традиционални политички потценувања на противниците, „андер-дог“ позицијата се чини како ветувачка стартна основа со која Ковачевски влегува во партискиот, а најверојатно наскоро и во државниот лидерски мандат. Што се однесува до харизмата на Мицкоски, жирито сѐ уште заседава, бидејќи е видлив, од неодамна, напорот својата изградена лидерска ароганција да ја омекне и во појавна и во содржинска смисла“, пишува Сашо Орданоски во колумната „ВМРО-ДПМНЕ го потценува Ковачевски, што може скапо да ги чини“.
„Бугарија на уште потврдокорен начин од она што претходно три децении го правеше Грција, силувајќи ги критериумите за воспоставување добрососедски односи, го наметнува толкувањето на историските митови, како предуслов за поддршка на евроинтегративните процеси во регионот“, пишува Ивица Челиковиќ во колумната „Бугарски историски гнилеж и ЕУ“.
ЕУ Министрите за европски прашања се состануваат денеска во рамки на декемврискиот Совет за општи работи на ЕУ на кој Северна Македонија се надева да го добие ветеното отпочнување на преговорите, но шансите се многу слаби, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Повеќе од година и половина откако лидерите на ЕУ дадоа зелено светло за изготвување на преговарачката рамка со Северна Македонија и Албанија и одржување на првите меѓувладини конференции со што се означува формално стартот на преговорите со ЕУ, Скопје и Тирана ниту денеска не се надеваат на деблокирање на ситуацијата поради ветото на Бугарија.
ИНТЕГРАЦИИ Во пресрет на почетокот на Советот за општи работи денеска во Брисел Скопје со порака дека блокадата на европските интеграции за Северна Македонија и Албанија е неправилна, неоправдана и создава недоверба во целиот регион. Се очекуваат храбри политички чекори од сите членки на Унијата, пред сѐ од Република Бугарија, но и од останатите партнери во ЕУ. Софија на состанокот треба да ја претставува новиот премиер Кирил Петков кој според најавите ќе ја брани бугарската рамковна позиција за Северна Македонија утврдена од техничката влада – за почеток на пристапните преговори само за Албанија, но не и за Северна Македонија.
ПРЕВЕНЦИЈА Показна вежба со презентација на ризиците од употреба на пиротехничките средства ќе се одржи денеска на плоштадот Македонија во Скопје, во организација на СВР Скопје-Одделение за превенција и Црвениот крст на град Скопје. Настанот е во рамки на кампањата за превенција од употреба на пиротехнички средства, која, како што е најавено, има за цел да влијае на свеста на граѓаните да не ги употребуваат овие средства.
БУЏЕТ Пратениците денеска во рамки на 54. седница четврти ден ќе расправаат по дополнетиот Предлог-буџет за 2022 година во второ читање. Вкупните расходи во Предлог-буџетот се планирани на 272,4 милијарди денари или 35,2 проценти од БДП, а вкупните приходи се планираат на ниво од 238,9 милијарди денари или 30,9 проценти од БДП. Дефицитот е проектиран на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 проценти од БДП, а капиталните инвестиции ќе изнесуваат 38,2 милијарди денари.
МИОА Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, денеска ќе учествува на онлајн министерска тркалезна маса во рамки на Глобалниот самит за Отворено владино партнерство (ОВП) во Сеул, Република Кореја. Самитот, како што информираат од МИОА, ќе обезбеди платформа и моментум за размислување за напредокот на ОВП во првата деценија и претставување на визијата за иднината.
РОЧИШТЕ Поради спреченост на обвинителот и на дел од обвинетите, за 22 декември е презакажана главната расправа за предметот „Т.Н.Т.“ што требаше да се одржи денеска, информираат од Основен кривичен суд Скопје.