ВЕСТ НА ДЕНОТ
Скопје се гуши додека Данела руши (или реконструира)
Според податоците на интернет страницата „IQair“, град Скопје денеска е на 11 место по загаденост во светот. Според денешните податоци на Winix кој користи информации од Министерството за животна средина, за проверка на квалитет на воздухот, врз основа на средни часовни вредности, Скопје е најзагаден град во земјата. И денеска најзагадено е во Центар, Лисиче, Гази Баба и Миладиновци со 155 ПМ 10 честички на метар кубен.
Кој е крив?
На локалните избори во октомври 2021 година, Град Скопје, ја добива Данела Арсовска за градоначалничка, со големи ветувања како парк за иновации и бесплатните автобуси или 15 проекти што ќе придонесат кон подобрување на имиџот на Скопје, пред сѐ да прерасне во град/метропола во која здраво се живее и делува, во која се води сметка за заштита на животната средина.
Што вети Данела, а што исполни?
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Остануваат уставните измени, знам дека одлуката на пратениците не е лесна, но очекувам да покажат државничко однесување. Секако дека имаат избор да остават се како што било, да ја остават земјата во стагнација и неизвесност, но уверен сум дека ќе бидат на ниво на задачата со цел подобра иднина за сите нас и за идните генерации. Пратениците се претставници на граѓаните, а граѓаните сакаат да бидат дел од ЕУ заради севкупните општествени придобивки, економскиот напредок и демократијата“, истакна премиерот Димитар Ковачевски.
„Северна Македонија го има своето место во ЕУ и европскиот пат треба да го изоди до крај. Земјата постигна голем напредок. Напорите треба да продолжат. Тоа не е секогаш лесно, но тие напори се важни за да може да се зајакне и правната држава“, рече француската државна секретарка за Европа, Лоранс Бун, по денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски.
ФЛЕШ ВЕСТИ
МВР Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави дека седум училишта на територија на Скопје добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави
ОБРАЗОВАНИЕ Владиниот портпарол, Душко Арсовски денеска на новинарско прашање за ставот на Владата за протестите на студентите и нивните барања, рече дека Владата им е сојузник на студентите и оти ќе продолжи со заложбата за олеснување на студентскиот живот и студирањето.
ЕНЕРГИЈА Под слоганот „Штедиме заедно денес за да имаме утре“, Владата од денеска преку информативно едукативни активности ќе ги мотивира граѓаните да штедат струја. Ќе презентира корисни информации како граѓаните поефикасно да ја користат електричната енергија и на тој начин да штедат.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Нема индикации дека синоќешниот инцидент во Полска бил намерен, ниту дека Русија подготвува воен напад врз НАТО, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на прес-конференција по вонредниот состанок на Северноатлантскиот совет.
*
Лидерите на Г7 и НАТО кои учествуваат на самитот на Г-20 на Бали остро ги осудија постапките на Русија, која одговори на светските повици за мир и прекин на војната со масовен ракетен напад врз Украина. Тие изразија поддршка и за Полска, каде што во експлозија во близина на границата со Украина загинаа две лица, напиша претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на својот Твитер профил и објави свое видео обраќање.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Меѓународен ден на толеранцијата: ЦИВИЛ повикува на меѓусебно разбирање, почитување и мирољубив дијалог
На Меѓународниот ден на толеранцијата, ЦИВИЛ потсетува и повикува на јакнење на јавната свест за опасностите од нетолеранција, ги промовира универзалните човекови права и слободи, и почитувањето, прифаќањето и уважувањето на различноста. Исклучително важно е сите актери во општеството и во државата да покажат максимална волја и подготвеност за обединување на различностите независно од етничките, верските и расните разлики, политичките убедувања, социјалната положба и сексуалната ориентација.
ЦИВИЛ најостро го осудува говорот на омраза што се шири во јавната комуникација. Мониторинг тимот на ЦИВИЛ бележи дека под објавите на социјалните мрежи секојдневно се упатуваат грозни закани, повици на насилство и изрази со говор на омразата насочени кон организацијата и кон авторките и авторите на анализи и ставови на медиумската платформа на организацијата.
СЛОБОДНА ЗОНА
Ние не знаеме, повторувам, не знаеме за ужасите доживеани од бомби и убивања среде бел ден во јавни простори, безбедни места како што би требало да бидат институции, а највеќе училишта. А заканите за бомби полека стануваат секојдневие, „аха, пак ли некој се зеза“! Нема страв, алармот за страв како да е исклучен. Освен акциите од страна на МВР по секоја нова дојава. Играчка, пишува Дијана Тахири во колумната „Тенка е линијата од лажни до вистински бомби!“.
Дали на повлекувањето на руските трупи на левиот брег на реката Дњепар (Днипро) е точката на која фронтот се претвора во некаква „Мажино линија“, влегува во статична фаза? Дали тоа не дава време за евентуалната инерција на мировниот ветер? Па, руската одбрана веќе мина на користење на теоријата на Кутузов (повлечи се и почекај зимата да го стори своето) ама тоа се смета како знак дека време агресорот да ја преиспита целата своја историска грешка и да бара чесен мир, што и да претставува тоа за левиот брег на големата река. Но, дали автократот Путин, онака осамен во своите дворски одаи, е подготвен воопшто да го слушне зборот – мир?, пишува Љубомир Костовски во анализата „Може ли Путин да склучи било каков мировен договор?“.
„Од А следува Б“. Дали сме свесни дека од ова А=>Б произлегува целата наша технолошка цивилизација и воедно, сиот наш здрав памет.
Ново А=>Б, со помош на претходни а=>б се воспоставува тешко, со научно откритие. Кога ќе се открие некоја поблага закономерност, со помош на статистички методи, на пример, 70-процентна, се решава проблемот сѐ до суштинско докажување на 100-процентна закономерност. За, ако важи А, да знаеме дека ЌЕ важи Б. Постигнатите следства А=>Б ги чуваме и негуваме. Таа нега на вакво чувствително ‘ркулче на интелигенција какво што нема друго во познатата наша вселена, сме ја оствариле во вековите пред нас, скоро редовно пропратена со забрани, палења, спалувања, затворања, убивања, истоштувања, жртви… пишува Емилија Целаковска во колумната „Нултата компонента за заробување држава“.
Терминот „говор на омраза“ е опфатен во два кластера и споменат дури 18 пати во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија во евроинтегративниот процес за 2022 година. Со тоа, Европската Комисија го издвои говорот на омраза како особено актуелна тема, за која се формулирани неколку препораки, пишува Зоран Бојаровски во анализата „ЕУ во Извештајот за Северна Македонија: Да се подобри спроведувањето на законодавството за говор на омраза“.
Д. Муратов