Пет новинарски и медиумски организации, меѓу кои Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, Македонскиот институт за медиуми, Советот за етика на медиумите и Институтот за комуникациски студии, бараат од политичките партии да продолжат преговорите за реформи во медиумската сфера, пред изборите закажани за 5-ти јуни.
Насер Селмани, претседателот на ЗНМ, во име на петте медиумски здружанија, побара средба со претседателот Ѓорѓе Иванов, спикерот Трајко Вељаноски и со лидерите на четирите политички партии кои се потписници на Договорот од Пржино, за да најдат заедничко решение за пропаднатите преговори за медиумските реформи.
„Од Груевски, Заев, Тачи и Ахмети бараме објаснување зошто пропаднаа преговорите за медиумски реформи. Дали проблем за партиите беа мачките на европскиот посредник или пак не им се допаднаа неговите предлози за системски реформи. Овие лидери, како потписници на договорот од Пржино се обврзаa да спроведат сериозни реформи во медиумите. Без овие реформи, Македонија нема да има ниту слободни, ниту веродостојни избори, а нема да излезе ниту од политичката криза“, изјави на прес-конференција, Насер Селмани, претседателот на ЗНМ.
Новинарските организации бараат САД и ЕУ да бидат вклучени во разговорите како и досега.
Тамара Чаусидис од ССНМ, посочи дека новинарите и новинарските здруженија не смеат да молчат: „Нема да молчиме, и нема да дозволиме под ќилим да се тргне прашањето за системско решавање на проблемот со медиумската сфера и тој проблем не смее да се игнорира“.
„Нашите основни барања се забрана на Владини реклами, МРТ и Агенцијата за медиуми да се ослободат од контролата на власта и да се обезбеди нивно стабилно финансирање, да се намалат обврските и казните за приватните медиуми и поголема транспарентност на институциите“, потецнираше претседателот на ЗНМ, Селмани.
Тој е дециден дека со разговори ќе успеат да го решат проблемот за медиумските реформи, но, не ја исклучува можноста, ако не најдат заедничко решение со политичките лидери, новинарите и медиумските работници да ги искористат сите демократски права за да извршат притисок.