„Здружението на новинарите на Македонија ќе го разгледува предлогот на колегите од Регионалниот центар во Битола на следната седница на Управниот одбор. Тогаш ќе најдеме решение. Ние сме заинтересирани да ја задржиме наградата, но за жал, тоа прашање нема да можеме бргу да го решиме“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Насер Селмани, претседателот на ЗНМ.
Како што вели Селмани, ЗНМ ќе биде во координација со другите новинарски и медиумски органиации, а ќе се разговара и со уредништвото на „Дневник“.
„Ќе разговараме со уредништвото на ‘Дневник’ да видиме кои се причините што годинава не ја доделуваат наградата. Дали таа одлука е привремена, или се откажуваат трајно од намерата да доделуваат таква награда. Ќе видиме дали во ‘Дневник’ се расположени да ја предадат наградата на друг медиум или организација. Ќе разговараме и со други медиуми, коишто би сакале да ја преземат наградата“, вели Селмани.
Наградата за најдобар дописник „Менде Петковски“, весникот „Дневник“ ја доделува традиционално, секоја година, од 2005 година, во чест на дописникот од Битола.
М. Талеска