Слободна зона денеска со Џабир Дерала и Војо Маневски:
„Иако мнозинството од 51% верува дека демократијата е најдобра форма на владеење, искрено, не можам и не сакам да верувам дека има толку многу луѓе што не веруваат дека демократијата е најдобар начин на владеење. Можеби погрешно го сфатиле Черчил, кој своевремено ќе рече: „Демократијата е најлоша форма на владеење, освен сите останати што веќе биле испробани.“ Можеби не ја прочитале реченицата докрај…
Значи, скоро половина од луѓето (испитаниците) не веруваат во демократијата. Според нив, има и други форми на владеење кои се исто толку добри, па и подобри од неа. Дали автократијата, тоталитаризмот, демархијата или анархијата се подобри форми на владеење? Диктатура? Воена или полициска хунта? Можеби некој облик на теократија, емират, султанат, монархија?
Дали знаат луѓето што навистина претставува самиот поим демократија? Со неколку илјади невладини организации, неколку стотини медиуми, со педесетина активни политички партии, со универзитети, државни и приватни, илјадници училишта со илјадници професори, распослани низ целата земја… Како може да се дојде до ваква ситуација? Ова мене не ми значи ништо друго освен дека сите заедно сме неуспешни во нашата работа до таа мерка што треба сè да почнеме одново. Што е невозможно“, пишува Џабир Дерала во денешниот ЕДИТОРИЈАЛ „Диктатурата е подобра од демократијата?“.
“Навикнати сме со години на соседите да им пречиме како се нарекувме, како си го нарекуваме јазикот на кој ние зборуваме (ние зборуваме, не тие) и слични навредливи изрази. Министри, европратеници, разни историчари со конкретни намери ни го окупираат вниманието. Можеби тие мислат дека не администрираат, а ние во заблуда потонати, лошо ја доживуваме нивната братска прегратка. Се повеќе сум убеден дека култивираноста на посетителите во пристојните кафеани е на многу повисоко ниво, од онаа што ја употребуваат политичките преставници на народите во балканскиот вртлог, на јавна сцена. Кога ја искоментирав изјавата на бугарскиот европратеник, пред еден ваков кафански состав, добив експресен одговор – остави го да паламуди, за тоа е платен“, пишува Војо Маневски во колумната „Паламудење“.