Слободна зона денеска со Џабир Дерала и Биљана Јордановска:
„Имено, диктатурата ги ослободува луѓето од неколку тешки граѓански обврски, на пример, да учествуваат во носењето на одлуките. Автократот има своја мрежа на послушни и ефикасни апаратчици кои го одржуваат системот како што ќе им каже владетелот. Луѓето се ослободени и од тешкото бреме на критиката, не мора да ги следат јавните финансии, не се заморуваат со реформи, ревизии, транспарентност, одговорност… Проклетството на знаењето и на свеста се заменува со една бескрајна благотелешка одземеност, со блаженство. Замислете сите да почнат да размислуваат со своја глава. Хаос!
И реформите… Зошто некој би правел реформи? Чувството на непроменливост на состојбите е незаменливо. Наместо реформи, автократијата нуди прецизна и добро разработена машинерија во која послушните се повластени, а сите останати се непријатели. Јасно како ден. Што има подобро од тоа?“, пишува Џабир Дерала во колумната „Диктатурата ослободува!“.
„Министерството за правда на почетокот на 2021 започна со работа на измените во Изборниот законик. За таа цел се формираше работна група во која учествуваа претставници на граѓанските организации, меѓу кои и ЦИВИЛ, Државната изборна комисија, Антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија, политичките партии и експерти што согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но и на сите релевантни чинители работеа на конкретни измени по членови и ставови во самиот законик…
И овие јавни настани на ЦИВИЛ беа добра подлога и одлична можност да се постават на едно место основите врз кои ќе се надоградува изборниот систем, кои лекции се научени, а за кои допрва ќе се кршат копјата, пред сѐ, меѓу политичките партии. Иако главната поента на сите говорници е дека граѓаните треба да бидат во фокусот на секоја измена што се прави во процесот на изборните реформи, сепак, и понатаму останува само дијалогот меѓу политичките партии и консензусот кој тие треба да го постигнат и врз чија основа ќе се одлучува како ќе се спроведуваат изборните процеси.
Институционално и на ниво на политички партии се нагласува отвореноста за соработка, добро завршената работа во одредени сегменти во измените на Изборниот законик и преговорите за измени во изборниот модел. Од друга страна, видливо е и незадоволството на невладиниот сектор и експертите кои ја истакнаа потребата од нов Изборен законик“, пишува Биљана Јордановска во анализата „Изборни реформи, измени и препораки: Меѓу политичките и граѓанските интереси“.
Дехран Муратов