Слободна зона на ЦИВИЛ денеска со Биљана Јордановска, Џевдет Хајредини и Зоран Иванов
„Кога зборуваме за различностите во контекст на изборите најмногу се зборува за инклузијата и тоа начесто поврзано со лицата со попреченост, но и со младите, учеството на жената во изборните процеси, како и статусот на маргинализираните групи и нивните гласачки права…
Инклузијата во контекст на изборите во принцип подразбира процес со кој лицата со попреченост се вклучуваат во сите изборни активности на еднаква основа со другите граѓани, вклучувајќи и на раководни позиции, наместо само да се обезбедува приспособување кое може да ги сегрегира лицата со попреченост од другите граѓани. Но, инклузијата е важна и од аспект на младите, како граѓани кои допрва треба да остварат гласачкото право, од една страна, а од друга страна како директни и активни учесници во креирање на политиките и добрите практики на владеење.
Токму поради родовата нееднаквост во политика и учеството на жените, пред сѐ низ призма на носители на одлуки, инклузивноста подразбира нивна подеднаква вклученост во изборните процеси и пристап до истите позиции што во пракса обично се загарантирани за мажите. Во контекст на маргинализираните групи, кога станува збор за нивната етничка припадност, се вршат злоупотреби во поширок опсег, наместо да се работи на здружување и заедничко делување. Ако се работи за граѓани што се критичен социјален статус, се искористуваат или манипулираат преку разни ветувања за вработувања или други начини што би го подобриле нивниот животен стандард.
Инклузијата од оваа перспектива, која има за цел да ги зближи различните групи граѓани, како гласачко тело, во изборен контекст е навистина важна во насока на еднаква застапеност, пристапност, правичност и заштита на човековите права и слободи, поконкретно заштита на гласачко право и тајноста на гласање во контекст на изборните процеси.
Затоа, кога зборуваме за различностите во изборите, навистина е важно секој изборен циклус да биден насочен кон градење позитивни политики и практики во законодавните, но и етичките пракси не само на учесниците во изборниот процес, туку и на надлежните институции за нивно спроведување“, пишува Биљана Јордановска во колумната „Различностите во изборите“.
„Македонија е постојано на некаков почеток. Во истиот филм без епилог. Еве и сега, по којзнае кој пат, заглави во зарибаните партиски релации. Пак во состојбата ниту ваму – ниту таму. И срам, не срам, пак мораше да интервенира американската администрација. И овој пат, повторно нејзиниот највисокиот дипломат задолжен за регионов, Метју Палмер. И пак, како педагог во дом за деликвенти. Ги искара адолесцентите, им даде по пет минути да се средат, да ја подистресат партиската прав од себе и да ги поттурнат и парламентот и законите и пописот и…
До кога сево ќе потрае, до првиот нареден меѓупартиски инает ли, до првата интервенција на меѓународната, ќе се види бргу. Искуството зборува дека за нови партиски препирки не ќе треба да мине многу време. Наспроти актуелните опструкции на соседите, државата Македонија уште не го препознава патот за Европа. Уште талка по теснопартиските беспаќа. Уште никако да се ослободи од транзициската агонијата што нè замајува еве веќе цели три децении.
Сепак, нели сепак, одвреме-навреме ќе кресне по некоја искра и по некоја демократска појава ќе влее трошка надеж. Во таа насока, еве, се случи и конгрес на СДСМ. За првпат, првиот човек на партијата е избран од членството на непосредни избори. Водството на ВМРО-ДПМНЕ, пак, се извлече од вонредниот конгрес на кој во најава беше проектирана негова смена. Иницијативата издиша само поради фактот што меѓу тамошните партиски алтернативци има евидентна концентрација на компромитирани кадри од времето на груевистичкиот режим. Во ДУИ, пак, и натаму подзаспана од сè уште преслабата опозиција, засега само спорадично се слуша за по некој внатрешен конфликт во врвот на партијата. Ќе пушти по некој сигнал дека и таму е можно поместување од веќе бајатите партиски манири.
Сè на сè, бавно, несигурно и пак – ништо без Палмер и неговите“, пишува Зоран Иванов во колумната „Кој, ако не повторно Палмер и неговото друштво“.
.„Не знам дали само мене не ми е јасно како посетата на Министерот за одбрана на НР Кина се совпадна со годишнината на членството на Македонија во НАТО“, пишува Џевдет Хајредини во поентата насловена „Совпаѓање“.
Денешното издание на Дневникот на ЦИВИЛ можете да го прочитате ТУКА.