Слободна зона денеска со Сашо Орданоски и Агрон Биба.
„Денешнава демократска држава – оваа „на Заев“ – дува и на маштеница, па тукушто иницира правен статус новинарите да се третираат како „службени лица“, за секој напад врз нив да се гони кривично. (Ова е вториот момент за мајки, шајки, ти-ли-бе, тој-ли-бе и сл.) Не сум сигурен дали спроведувањето на оваа мерка е изведливо, бидејќи физичките напади врз новинари во Македонија се релативно ретки (особено кога се „на службена задача“), наспроти простотијата и говорот на омраза на која сме изложени во виртуелниот свет.
Затоа, можеби е најпаметно овој 3-ти (и 4-ти, и 5-ти, и 18-ти итн.) мај да го посветиме на, всушност, главниот модерен проблем за слободата на медиумите: лагите и ширењето лажни вести – и нивните уште поопасни „први братучеди“, полувистините и „алтернативните факти“! – пред кои е исправена професијата. Тоа производство на невистини и полувистини е толку големо, што нема медиум во Македонија со човечки, професионален, финансиски и друг капацитет што може ефикасно да им се спротивстави. Тие се „отровот“ во мали и големи дози што ќе ѝ пресудат на нашата демократија, пишува Орданоски во колумната Кој мисли зло не пее
Пропагандните центри прават сè за да ги омаловажат и дискредитираат поединците и организациите кои работат на промовирање на европските вредности, антинационализмот, правдата, еднаквоста и човековите права. Мојата работа е во директна спротивност на сè што тие претставуваат. Тоа е причината за оваа огромна повеќегодишна мрачна кампања против оние што се залагаат за човековите права.
Јас сум еден од оние кои едноставно се откажаа од барање заштита, правда и/или надоместување на штетата предизвикана од нападите со омраза на социјалните мрежи и во медиумите. Скоро никој не се конфронтира со насилството преку Интернет. Напротив, околу омразата се кренати ѕидови на тишината. И институциите молчат.
Јавноста, граѓанските организации и медиумите претежно молчат бидејќи многу од нив стравуваат од одмазда од авторитарните политички сили, доколку се вратат на власт. Исто така, постојат долгогодишни коруптивни врски помеѓу поранешната авторитарна влада и медиумите.
Правдата и отштетата се изгубени битки. Судските процеси се бавни, скапи и со непредвидлив исход. Нашите обиди да бараме правда и компензација се придружени со уште пожестоки онлајн закани со омраза и малтретирање. Да се живее со ваков притисок е тешко, особено кога се знае дека дезинформациите и пропагандата на омраза се креирани од моќни структури, отворено поддржани од Русија, пишува Џабир Дерала во коментарот Антизападни пропагандни центри против граѓанското општество во Северна Македонија: Случајот на ЦИВИЛ, објавен во HEINRICH-BÖLL-STIFTUNG
„Поради неуспешниот обид да се формира Супер Европска Лига, почнаа масовни протести на најпопуларниот светски спорт, фудбалот. Навивачите се пожестоко и понасилно протестираат, и навидум наликува на Марксистичка Октомвриска Фудбалска Револуција…..истотака, останува да се види како сето ова ќе се одвива, кога обичниот фудбалски навивач, конечно го крена гласот против супербогатите и тотално незаинтересирани освен за профит антифудбалски и антиспортски американски, руски, кинески и арапски сопственици… сите со сомнителни богатства кои ги кријат своите сомнителни богатства позади сопствеништвата во фудбалските клубови во Англиската Премиер Лига, и не само таму.
Сите овие случувања формираат перфектна социјална бура, или вистински молотов коктел, пишува Агрон Биба во колумната Смртта на англиската (глобалната) Кралица и преродбата на англискиот (глобалниот) фудбал
Д.Т.