Слободна зона на ЦИВИЛ понеделнички со Орданоски, Колозова, Муратов, Маневски и Дерала:
„Фактот што 98% од тие кои гласале во неделата по партиските ограноци на СДСМ го поддржале реизборот, во трет мандат, на Зоран Заев за претседател, има повеќе јасни пораки. (Не, не мислам на тоа дека во секоја трка со еден кандидат, победата е однапред позната…) Веројатно најважната е дека, она што можеше да се окарактеризира како „контроверзии“ на Заев во неколку важни државни политики (односите со Бугарија, предлогот за „политичко обединување“ дома, концептот за „Едно општество за сите“, справувањето со епидемијата и тн.) имаат масивна поддршка во партиската база на Заев, без разлика на успешноста – nota bene! – со која се спроведуваат тие политики“, вели Сашо Орданоски во СДСМ: Заев уште долго ќе владее!.
Корона не се фаќа на „патриотски“ протести коментира Дехран Муратов по повод викендот на протести на ВМРО-ДПМНЕ. „Стотина жени, гушнати, стуткани, без растојание од 2 метри, меѓу другото побараа и да се одложи пописот, за да се избегне физички контакт со само еден/а попишувач/ка кој/а ќе ги посетува домаќинствата (со строго почитување на здравствените протоколи и заштита од ширење на пандемијата)… Логика?“, напиша Муратов.
„Тоа што го разликуваше полицискиот час во Македонија лани од сите останати студирани во Европа и регионот е дека за негово кршење се казнуваше кривично, а не (само) прекршочно, а казните беа (или – се, не е јасно?) неспоредливи во својата драконска димензија со остатокот на Европа: додека во Германија најстрогата казна оваа зима е 500 евра, кај нас минатата година се казнуваше со 2.500 евра или затвор. Само да појаснам, овде не мислам на строгите казни за загрозување на севкупниот систем какви што ги имаше изречено лани во Шпанија за специфични случаи, туку за обичниот прекршок да се најдеш на јавно место во време на полициски час. Според погоре цитираната студија, повторно, само Македонија е таков пример“ – пишува Катерина Колозова во својата анализа Зошто Македонија сè уште оперира со полициски час од воен тип, а не curfew во услови на пандемија?.
„И сега, изборите во СДСМ – врв на демократијата!? Пред да дадам каков било коментар, ќе ги потсетам читателите од мојата генерација на емисијата „Невен“. Тие кои се сеќаваат, ќе се сетат на … „Питам се питам….. Их, та немојте касти!“, пишува Војо Маневски во денешната колумна Изгубени во демократијата.
„Во екот на „третиот бран“, кога се подготвуваат и се носат нови мерки, јавноста очекува од носителите на одлуките внимателно да ги следат искуствата од развиените демократии. Сега, повеќе од било кога, се очекува вклучување на застапниците на човековите права и слободи. Неопходно е властите да покренат и кампањи за јакнење на јавната свест, паралелно со „репресивниот“ дел од системот кој го заштитува јавното здравје. И подеднакво да казнуваат неодговорни и неразумни популисти меѓу политичарите, исто како и „обичните смртници“. Макар и прекршочно…“ – пишува Џабир Дерала во својото РАФАЛ под наслов Неспособноста на системот, молкот на граѓанското општество и криминалната неодговорност на популистите.
Денешното издание на Дневникот на ЦИВИЛ можете да го прочитате ТУКА.