Во изминатото деноноќие, медиумската платформа на ЦИВИЛ објави три текст во рубриката Слободна зона, резервирана за мислења, ставови и анализи. За ЦИВИЛ пишуваa Војо Маневски, Перо Наумовски и Зоран Иванов.
„ Од крајот на минатата недела повторно во јавноста почна да се употребува поимот „кампања“. Се разбира кај нас тоа не е поврзано со некои други активности во економијата или културата, туку со политичка борба за власт. Политичките партии и затоа постојат, за да дојдат на власт. Што прават со таа власт кога ќе ја освојат е друго прашање. Ова што го пишувам и не е некоја мудрост или новост. Нашиот политички систем е постојано под некоја покачена температура и пред и во кампања. Затоа најавите дека партиите започнаа со предизборната кампања за локалните избори во октомври и не е нешто на што не сме навикнати. Споредбено со медицинскиот речник, тоа е кога организмот од 37 со 9, премине во 38 со 2 покачена температура. Се разбира се качува подоцна температурата до повисоки вредност до крајот на кампањата. А ако организмот е под температура, намалена е неговата функционалност и рационалност во донесувањето на одлуките. Според тоа таму е причината зошто на изборите гласачите донесуваат неразумни одлуки. Кампањата е како температурата на организмот и има за цел да ја намали можноста секој граѓанин да донесе разумна одлука за кого ќе гласа. Има и теории дека се работи за флуктуација на енергијата, ама сѐ уште не е потврдена“ пишува Војо Маневски во колумната „Кампања“.
„И еве сега при презентација на Интервентниот план за инвестиции (ИПИ) 2021-2027 во вредност од 8 милијарди разбравме од премиерот Зоран Заев дека владата планира да вложи 50 плус 50 милиони евра за ски-центарот Попова Шапка (иако не појасни што точно тоа значи). Ски центарот владата одлучила да го даде под концесија. Иако името на идниот концесионер не го објави освен дека се работи за еден од најголемите инвеститори во ски-центри во Европа и дека оваа инвестиција ќе го подобри имиџот во државата и дека самиот инвестотор тоа ќе го објави , сепак ни го соопшти најголемиот апсурд за времетраење на концесијата која ќе биде ни помалку ни повеќе точно 99 години! Навистина не ми јасна логиката а не верувам дека таков пример има во Европа, ски-центар да се дава под концесија на 99 години“ пишува Перо Наумовски во колумната „Попова Шапка, Брезовица и терени за голф“
„Во тој контекст, исто така без многу помпа, а сепак со нужно внимание, се заврти информацијата за иницијативата на четири земји од „Вишеградската група“, Унгарија, Полска, Чешка и Словачка, како и Австрија, кои до раководството на Европската унија испратиле нов нон-пејпер за европската судбина на Западен Балкан. Документот не се занимава со прашањето на границите, но бара од Европската унија поголема поддршка за целиот посочен регион. Министрите за надворешни работи на овие држави очекуваат и земјите на регионот да бидат најдиректно вклучени во официјалните европски разговори за иднината на Унијата“ пишува Зоран Иванов во колумната „Меѓу животот и политиката“