Во изминатото деноноќие, медиумската платформа на ЦИВИЛ објави три текстови во рубриката Слободна зона, резервирана за мислења, ставови и анализи. За ЦИВИЛ пишуваа проф. д-р Катерина Колозова, Александар Николиќ Писарев и Петрит Сарачини.
„Не смееме да ги потценуваме намерите на актерите кои под закрила на пораката дека распадот на Југославија не е завршен, се обидуваат во Европа и регионот на Западен Балкан да произведат конфликт од понизок интензитет, а можеби и од посилен, за во такви околности да создадат услови за промена на границите, но и ги остварат своите апетити за територијални проширувања на сметка на другите и возобновување на некогашните кралства и монархии“, пишува Александар Николиќ Писарев во првиот дел од анализата под наслов Сеништата на минатото (1).
„Преобликувањето и прeобмислувањето на севкупниот образовен систем, и тоа на сите негови нивоа, е ставено во центарот на економското закрепнување и на јакнењето на општествената отпорност како европски пост-пандемски приоритет, усогласен со „двојната транзиција“ (дигитална и зелена) на Европската унија, која, пак самата, е усогласена со глобалните индикатори на одржлив економски развој до 2030 поставени од Обединетите нации (УНЕСКО). Образованието е во сржта на овие процеси бидејќи ги усогласува своите заложби со процесите на научна иновација, со цел и глобално, но и како континент и регион, економијата да транзитира кон потполно зелена економија. Дигитализацијата е препознаена како еден од клучните начини да се премине кон зелена и одржлива економија – целта е да се намали јаглеродниот отпечаток со намалување на непотребни патувања, користење хартија, намалена потреба од градежни зафати за активности кои може да се изведуваат онлајн, и слично“, пишува проф. д-р Катерина Колозова во анализата Зошто е нужна сеопфатна и научно втемелена анализа на политики за одржливи реформи во образовниот систем?.
„Како успеаја неспособниве предводени од Зоран Заев за 4 години да ја претворат во темен вилает оваа златна библиска земја, која беше четврта економија во Европа, во која течеше мед и млеко, а младите ја напуштаа само поради невозвратена љубов?“, пишува Петрит Сарачини во Midnight Express по повод 4 години влада на Зоран Заев, во колумната под наслов Четири години со неспособна власт.
Д. Т.