Слободна зона денеска со третата и последна анализа на Александар Николиќ Писарев, за руското влијание во земјите на Западен Балкан.
„Присуството на Русија во информативниот простор на Западен Балкан е пресудно за ширењето на нејзиното влијание и пропагандата, пред сè, во „србосферата“, како тие самите ја нарекуваат, вклучувајќи ги тука Србија и Република Српска, но и Црна Гора и Косово, а во извесна смисла и Северна Македонија, како подрачја блиски на српското јазично подрачје. Тенденција е на Балканот да се промовира руска надворешна политика како единствено исправна и праведна. Владимир Путин да се претстави во позитивно, дури славеничко светло, а Русија како историски сојузник и заштитник на Јужните Словени од непријателските сили на Запад.
Притоа, се прават напори, што е можно повеќе да се сатанизираат западните медиуми, западната демократија како декадентна, ЕУ и НАТО како креатори на светски заговор. Рускиот наратив во медиумите врз кои има влијание е „НАТО е во криза“ и „Европската унија се распаѓа“. Темата „братство со Русија“ е вградена во уредувачките политики на медиумите во Западен Балкан кои се во орбита на руското влијание, пред сè, преку агенцијата Спутник. Спутник има цела една медиумска машинерија на српски јазик, која во регионот делува како агрегат на лажни вести преку веб страницата, преку радио станицата. Вестите на Радио Спутник достапни се преку мрежа на повеќе од триесет регионални станици и онлајн медиуми кои се поврзани со високотиражните таблоиди како што се Блиц, Курир, Информер, Вечерње Новости, и Б92. Понатаму, овие „вести“ патуваат преку границите на Србија на поширокото српско јазично подрачје и јазиците блиски до српскиот, вклучително и во Северна Македонија, каде што ги пренесуваат локалните медиуми блиски до националистички и анти-НАТО и анти-ЕУ структури.
Критичарите, вклучувајќи ја и платформата на ЕУ против дезинформации која ја сервисира Европската служба за надворешно делување во континуитет ја обвинуваат агенцијата Спутник за ширење лажни вести и промоција на теориите на завера.“- Руската „хибридна сенка врз Западен Балкан (3)