Со образложение дека само таа е надлежна да постапува по предметите кои произлегуваат од незаконски прислушуваните разговори, Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, денеска го повлече барањето за заштита на законитоста, за притворот на Сеад Кочан, поднесено до Врховниот суд од Јавното обвинителство на Марко Зврлевски.
„Јас, како Јавен обвинител, сум исклучиво надлежна да постапувам по предметите поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во сите судски инстанци. Поради тоа, денес, со поднесок испратен до Врховниот суд на Република Македонија, го повлеков барањето за заштита на законитоста поднесено од Јавното обвинителство на Република Македонија“, вели Јанева.
Вчера, Јавното обвинителство на Зврлевски поднесе Барање за заштита на законитоста, со кое бара укинување на решенијата на Кривичниот и на Апелациониот суд за одредување притвор на Кочан, првоосомничен во случајот „Труст“.