Долгогодишна набљудувачка и соработничка на ЦИВИЛ, на 15 октомври, прв круг од локалните избори, беше задржана и легитимирана од полицијата, додека била на должност во близина на едно избирачко место во општина Шуто Оризари. Уште полошо, ѝ бил одземен телефонот од кој биле избришани снимките на кои се документира кршење на изборниот молк.
„Полицијата ме виде како фотографирам надвор во дворот, не внатре во училиштето, а секако не во избирачкото место, туку во дворот. Ме прибраа внатре во училиштето, ме легитимираа, ми се заканија дека ќе ми пуштат кривична пријава. Ми го одзедоа телефонот и ми ги избришаа сите материјали кои се наоѓаа во него, не само од дента, туку сѐ што имав во него и ми рекоа дека можам да набљудувам само внатре во избирачкото место. Јас им реков дека имам право да го набљудувам и теренот, во близина на избирачкото место. Беа многу дрски, ми се дереа, ја навредуваа организацијата за која набљудувам. Кога ме внесоа внатре, побарав да се јавам во ЦИВИЛ, но не ми дозволија“, вели набљудувачката.
„Не е прв пат да се опструира, па и да се нападне набљудувач на ЦИВИЛ. Ова е само доказ за тоа дека пред нас е долг пат и дека ЦИВИЛите им се трн во окото на оние што не го почитуваат законот и демократските стандарди. Ние ќе упатиме претставка до МВР за овој немил инцидент и флагрантно кршење на човековите права и опструкција на овластено лице од ЦИВИЛ, акредитирано и од Државната изборна комисија.“ – изјави Џабир Дерала, ЦИВИЛ.
М. Ивановска