Предметот за случајот на малиот Алмир Алиу е преквалификуван од „убиство со умисла“ во „ сообраќајна несреќа“. Ова денеска пред пратениците го кажа Јавниот обвинител, Љубомир Јовевски.
Според „Алмакос“, Јовевски изјавил дека одлуката била донесена во Јавното обвинителство, пред тој да биде именуван на сегашната позиција, па потоа преквалификацијата на предметот се гласала во Јавното Републичко Овинителство. Ова Јовевски го изјави како одговор на прашањето на пратеникот на Беса, Реџеп Мемеди, дали е вистина дека е поднесено барање за преквалификација на случајот.
„Одлуката за преквалификација на случајот е донесена во Републичкото јавно обвинителство, пред да бидам именуван како јавен обвинител. Потоа предметот е пратен во Републичкото обвинителство, каде што се изгласало за преквалификација од „Убиство“ во „Сообраќајна несреќа“. Одлуката е донесена заради неможноста да се одреди умисла во делото кај обвинетиот заубиство„ – изјавил Јовевски пред пратениците.
Актерот Висар Вишка, еден од организаторите на протестите за правда за малиот Алмир во изјава за ЦИВИЛ Медиа вели дека ваквата одлука е скандалозна.
„Нашиот план беше на 5 март да одиме да протестираме во Куманово, кога и треба да се одржи рочиштето за овој предмет. Но сега тоа е сосема неважно и мене се уште не ми се верува што слушнав“, вели Вишка.
„На претходниот протест одржан на 22 јануари бараа од нас да се смириме, со ветување дека случајот детално ќе се разгледа. За сега, еден месец подоцна, да не лажат дека Зврлевски веќе ја донел одлуката за преименување на делото. Сакам да знам како тогаш немаше одлука, а сега велат дека има. Па дури и навистина да е така, и навистина Зврлевски да ја донел оваа одлука, зошто тогаш воопшто менувавме и поставивме нов Јавен обвинител?“, прашува Вишка.
„Имам впечаток дека токму сега, кога имаме шанси за Европа и НАТО, некој намерно ги прави овие работи. И не е само случајот со Алмир, туку многу други потези на струкурите коишто се длабоко навлезени во партиите на власт работат против интересите на оваа држава“, вели тој.
Дијана Тахири