За 10 дена изминува рокот од 18 месеци, во којшто Специјалното јавно обвинителство, согласно со Законот за СЈО, има право да покрене истраги и обвиненија за кривични дела, што произлегуваат од аферата „Прислушување“. Мандатот на оваа институција е пет години од моментот на основање, период во којшто може да се покренуваат и нови истраги, но не и обвиненија.
Се споменуваат три варијанти што се однесуваат на иднината на СЈО. Првата е да се изгласа промена на член 22 од Законот за Специјалното јавно обвинителство. По 18 месеци, ова Обвинителство мора или да ги затвори истрагите, или да ги повлече или да покрене обвинение. Втората варијанта е Уставниот суд да го поништи член 22, како неуставен, за да може да се финишираат сите предмети, без временски ограничувања. Третата опција е СЈО да се приклучи во редовното Јавно обвинителство, па покрај Обвинителството за организиран криминал, да постои и СЈО, како обвинителство чија мисија е истражување и гонење на кривични дела поврзани и коишто произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, со цел спроведување на правдата преку принципот на владеење на правото.
„СЈО бара продолжување на рокот за поднесување на обвиненија и измени на Законот за заштита на сведоци, бидејќи некои случаи како ‘Монструм’ или ‘Сопот’ не може да се водат, ако не се заштитат сведоците. Затоа што овој Закон не дава доволна гаранции за оние лица што би дале придонес кон истрагата“, велат од Специјалното јавно обвинителство.
Инаку, СЈО изминатава година ипол, покрена 20-ина истраги, а околу 15 се завршени. Покренати се три обвиненија во случаите „Транспортер“, „Тврдина“ и „ТНТ“.
М. Талеска