„Мирот, стабилноста, сигурноста не може никој да ги загрозува. Вакво криминално гнездо како што е направено мора да се разбие до крај. Такви политички партии, кои со не знам какви провиненции ги правеа, како што е оваа мора да е дерегистрирана“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција на која соопшти за апсењето на лидерот на политичката партија Десна, Љупчо Палевски Палчо, осомничениот за организирање, грабнување и убивање на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Министерот додаде дека се истражуваат сите детали и дека во ниту еден момент нема да се остави некоја индиција да не биде истражена.
„Преку правење на политики, политиканство, коалиции, договори и влијанија од надвор сакале да направат дестабилизација“, рече Спасовски.
Тој додаде дека сите знаат какви ставови застапувале осомничените и нивната партија, што правеле и што зборувале во нивните емисии и како директно се спротивставувале на напредокот на државата, на НАТО и на европскиот пат.