Во контекст на лавината реакции предизвикана од налогот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, како дел од поширокиот список кој го издаде МКС, и на кој, покрај израелскиот премиер, се наоѓаат и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант и командантот на Хамас Ибрахим ал-Масри, кои во различни делови од светот се движи од осуда до одобрување, ги издвојуваме реакциите на Иран и Турција, кои можеби заслужуваат некои од нивните лидери да се најдат на некоја следна листа на МКС.
Така, шефот на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) кои се познати по бруталноста и репресиите кои ги вршат врз сопствените граѓанки и граѓани вршејќи масовни апсења, затварања, мачења,претепувања – само затоа што еден дел од Иранците не се сложуваат да живеат под ригидниот исламски режим, ги опиша налозите против Нетанјаху и Галант како „крај и политичка смрт“ на Израел, нарекувајќи го „режим кој денес живее во апсолутна политичка изолација во светот и неговите функционери повеќе не можат патуваат во други земји“.
Турција, пак, и нејзиниот претседател реџеп Таип Ердоган, во континуитет вршат геноцид врз курдскиот народ вршејќи воени акции и ракетни напади врз нивните домови во соседните Сирија и Ирак, преку министерот за надворешни работи, Хакан Фидан, го поздрави налогот на МКС нарекувајќи го „надежен“ и клучен чекор за изведување на правдата на израелските власти кои извршија „геноцид“ врз Палестинците.
„Ќе продолжиме да работиме за да обезбедиме спроведување на меѓународното право за казнување на геноцидот“, додаде Фидан.
За поздравување е кога некој ќе каже дека се залага за спроведување на меѓународното право за казнување на геноцидот, но претходно, би требало прво да погледне и во својот двор.
Драган Мишев