Во Кривичниот суд Скопје денеска се одложи судењето по предметот на Специјалното јавно обвинитество „Насилство во Центар“, поради промена на судечкиот судија согласно новиот распоред за работа на судиите, што ќе важи од Нова Година.
Новото рочиште е закажано за 2 февруари, во 10 часот
На денешното рочиште во судот навреме се појави поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој е еден од 12-те преостанати обвинети во предметот.
Обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски, по одложување на денешното рочиште кажа дека освен „Труст“, ниту едно од судењата не е во некоја поодмината фаза, и нема да има никакви пречки што ќе почне од ново.
– Ова судење си имаше две признанија на вина, кои имаат правосилни одлуки. Вкрстеното испрашување на господинот Жерновски е специфичен процес што не би требало да се повторува уште еднаш, заради одговорите, и затоа е поцелисходно да се одложи сега, затоа што предметот ќе го преземе друг судија, изјави Бубевски.
Посочи дека процесите се движат и судењата ќе почнат по Нова година и нема да има никаков проблем.
Во однос на условите во судот и тоа што има само една судница, Бубевски рече дека според неговите сознанија, судот веќе е во набавка на опремата, што ќе овозможи истовремени судење во повеќе судници.
Никола Груевски по денешното рочиште изјави дека нема ништо ново да додаде во однос на овие предмети, што власта, заедно со СЈО, цела година ги турка и, како што рече, претставуваат политички прогон.
Првично во предметот беа обвинети 14 лица, но во меѓувреме, двајца од нив, четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски, ја признаа вината и добија условни казни.
Обвинетите во предметот „Насилство во Центар“ се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.
Покрај Груевски, во предметот „Насилство во Центар“ обвинети се уште 12 лица, меѓу кои поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.