Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечла во ексклузивно интервју за Алсат вели дека Косово треба да размислува за промена на пристапот во дијалогот со Србија со посредство на ЕУ. Тој нагласи дека српскиот претседател Александар Вучиќ не сака договор, туку сака преку терористички акти да ги стави Косово и меѓународната заедница пред свршен чин.
„Верувам дека пристапот мора да се промени. Би било соодветно меѓународната заедница, особено посредниците во дијалогот, да го сменат својот пристап. Веќе подолго време зборуваме дека Србија не е заинтересирана за постигнување договор. Ние веќе имаме бриселски договор и анекс на охридскиот договор за имплементација, но Вучиќ иако првично се согласуваше сега категорично ги отфрла“, истакна Свечла.
Косовскиот министер нагласи и дека Србија не е сама во вакви терористички акти, туку има поддршка и од Русија.
„Србија не дејствува сама. Можам да кажам дека во еден од автомобилите има 20 автомобили кои се запленети, поточно 23 автомобили со опрема и во еден од нив има руски документи“, додава Свечла.
Прашан дали се очекуваат други дејствија кои би можеле да го нарушат суверенитетот на Косово, Свечла одговори дека косовската полиција ќе успее да го неутрализира секој елемент што ќе се обиде да го поткопа патот кон зајакнување на државата.