ЏАБИР ДЕРАЛА
Најмладата премиерка во светот имаше 34 кога дојде на власт во 2019 година, предводи „женска влада“, најуспешно ја водеше земјата низ ковид-пандемијата, експресно ја поведе својата земја во НАТО и ѝ помогна на Шведска да ја донесе истата одлука… Работи многу и позната е по својата трудољубивост и посветеност… Рокерка е, не пропушта добар рок концерт, Шкорпија во хороскоп, млада е и убава… Да, тоа е Сана Марин, сега 36, премиерка на просперитетната Финска и лидерка на социјалдемократите.
По објавувањето на приватното видео на социјалните мрежи (17 август) во кое таа танцува и се забавува, светската јавност се впушти во остра дебата. Конзервативците во опозиција и нивните истомисленици во земјата и низ светот остро ја нападнаа. Дури побараа од неа да се тестира дали земала дроги, што таа и го направи. Тестот што самата го плати беше негативен.
„Јас сум човек“ – изјави Сана Марин на настан на социјалдемократите на 24 август, додека се бореше со солзите и во одбрана на правото на приватен живот – „Понекогаш копнеам и за радост, светлина и забава среде темните облаци“.
Во меѓувреме, луѓето од целиот свет танцуваат за да ја искажат својата поддршка и солидарност со Сана (#SolidarityWithSanna), како што може да се види и од видео компилацијата на Си-Би-Ес.
Видеото од забавата на Сана ги покрена и безбедносните служби и експертите за безбедност да анализираат дали Финска навистина била загрозена во миговите кога премиерката се опуштила, имајќи ја предвид воената закана од Русија. И од таму дојде одговорот дека безбедноста на Финска не била загрозена, ни оддалеку.
Дали фактот дека видеото истекува значи дека безбедноста на комуникациите е загрозена и како Русија ќе го употреби во пропагандни цели се единствените важни прашања во целата сторија? – како што посочи кореспондентката на Дојче Веле од Брисел, Тери Шулц.
Дебатата трае. И додека обични луѓе и политичари од целиот свет испраќаат милиони пораки со поддршка за Сана, конзервативците се полни со отров. Не ѝ личи на премиерката така да се однесува, ја загрозила безбедноста на Финска, ја злоупотребила функцијата (танцувала во работно време, аууу!) и што ти не… Како што им личи на заостанати и вечно намуртени душебрижници („ш“ во претходниот збор може да се замени и со „п“), какви што имаме насекаде околу нас и во светот. Нема да ме зачуди ако некаде прочитам дека некој ѝ ставил чип во чашата со пијалок.
Има ли право Сана на приватен живот? Може ли премиерката на една од најпросперитетните европски држави да танцува во работно време? Или треба да набави масивна бела маса долга 6 метри?
ПС. Има најмалку една очигледна и една скриена порака во овој текст/коментар. Очигледната е солидарност со Сана(#SolidarityWithSanna). Скриената и не е толку скриена: Макар и да се од Финска, мрчаторите секогаш ќе најдат причина да мрчат. Но светот оди напред, танцувајќи. Сосе мрчаторите.