ДРАГАН МИШЕВ
Понесен од суетата дека ете, него, токму него, најпаметниот, најубавиот, најзгодниот од сите министри, нема да го има во новата влада, а тој самиот не се откажал, туку, ете, замислете, они се дрзнале веќе да не го играат, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров одржа прес конференција за да ја соопшти таа жална вест за македонската , а богами и за бугарската и свеЦката јавност, јер освен тукашните, не го сакале (веќе) ни надворешните фактори, па сковале свеЦки заговор за да му напакостат.
Ах, како само донкихотовски јуришаше на бугарските ветерници кои сакаат да ја одуваат македонската евро-перспектива, ама ете, никој ниту го сфаќа, ниту го поддржува.
И, тука се разбуди малото вмронче , што чучи во секој од нас, и чека прави час, да се разбуди. После мене потоп, ако не сакате веќе да ви помагам, тек ќе видите како ќе ви одмагам.
И тука си ги глорифицираш сопствените успеси, да не потсетиш колку си бил важен и неопходен, ама, ко што викаше баба ми, кравата џабе давала млеко, кога ја шутнала кофата и млекото се истурило. Корист никаква, а штетата од истуреното млеко допрва ќе се утврдува.
Нејсе, барем со пресов во нешто успеа, за момент му ја украде „славата“ на Новак(с).
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.