На работно место денеска пристигна Талат Џафери, новоизбраниот претседател на Собранието на Република Македонија, на седницата одржана во вонредни услови во „крвавиот четврток“. Медиумите го регистрираа и доаѓањето на техничкиот премиер, Емил Димитриев и дел од пратениците.
Затворен е прес-центарот каде што се одвиваше крвавата драма во која маскираните насилници и припадниците на „За заедничка Македонија“ ги нападаа пратениците од парламентарното мнозинство, додека заврши увидот на истражните органи.
Заменик државниот секретар на САД, задолжен за Европа и Евроазија, Хојт Брајан Ји, по вчерашните средби со лидерите на легислативните политички партии и претседателот Ѓорге Иванов, беше дециден во пораките дека САД го признава легитимитетот на Џафери, како претседател на Собранието, избран на седница, согласно Уставот и законската регулатива.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети порача дека Џафери е новоизбраниот претседател на парламентот и дека ДУИ продолжува со своите активности за формирање нова влада. И лидерот на СДСМ, Зоран Заев којшто заедно со лидерот на ДР на ДПА Зијадин Села, во насилничката еурофија добија најтешки повреди, потенцирајќи ја законитоста на постапката за избор на нов претседател, најави дека до средината на овој месец, ќе биде формирана и нова влада.
Изборот на Џафери не е легитимен, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, којшто за време на настаните од „крвавиот четврток“ беше во Виена, на закажани политички средби.
„Заради преголемата желба за власт и обидот да избегаат од соочување со правдата, СДСМ ги жртвуваше националните и државните интереси на Република Македонија. Претседателот на Собранието, го избраа надвор од сите процедури, на веќе официјално завршена седница, без официјален записник, без стенограм, без право на збор на пратениците“, стои во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.