Двајцата пратеници од Флорида познати по нивните цврсти ставови кон Кина се во трка за високи работни места за надворешни односи во администрацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, јавуваат американските медиуми.
Сенаторот Марко Рубио, кој го предизвика Трамп за претседателската номинација во 2016 година, е во преговори да биде негов иден државен секретар на местото на Ентони Блинкен, изјавија два извори за американскиот партнер на Би-Би-Си, CBS News. Но, неговото назначување се уште не е договорено.
И Мајкл Волц, конгресмен и воен ветеран, би можел да игра своја значајна улога во новата влада на Трамп. Тој е фаворит за советник за национална безбедност, изјавија за CBS два познати извори.
Канцелариите на Рубио и Валц не одговориле на барањето на Би-Би-Си за коментар.
Администрацијата на Трамп почнува да се обликува по неговата победа на минатонеделните претседателски избори.
Неговата Републиканска партија се приближува до целосната контрола на Конгресот. Тие ја вратија контролата врз Сенатот, горниот дом, и се насочуваат кон мнозинството во Домот, долниот дом, додека пребројувањето на гласовите продолжува.
Некои од назначувањата – вклучително и државен секретар – ќе бараат одобрение од сенаторите, иако Трамп побара следниот лидер на Сенатот да му дозволи да го заобиколи тоа. Тој може директно да дава други работни места – како советник за национална безбедност.
Најавените именувања за Рубио и Валц доаѓаат откако Трамп ја постави Сузи Вајлс за свој шеф на кабинет, го именуваше поранешниот службеник за имиграција Том Хоман за свој „граничен цар“ и ја номинираше њујоршката конгресменка Елис Стефаник за свој иден амбасадор во Обединетите нации.
Новоизбраниот претседател има одговорност за околу 4.000 политички назначувања. За време на неговото прво претседателствување, на Трамп му требаа месеци да го состави својот кабинет.
Подготви: Д. Мишев