Американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретнаа денеска во Белата куќа, при што на прес-конференцијата пред средбата двојката изнесе конкретни предлози и оценки за натамошната поддршка во конфликтот во Украина.
Трамп рече дека САД би можеле да размислат за испраќање ракети „томахавк“ во Украина, но истакна дека е важно Вашингтон да задржи доволен залихи за „својата безбедност“. „Ракетите ‘Томахавк’ се одлична работа, но морам да кажам дека и нам ни се потребни. Не сакаме да дадеме она што е потребно за да ја заштитиме нашата земја. Се надевам дека можеме да ја завршиме војната без да размислуваме за ракетите ‘Томахавк’. Мислам дека сме доста блиску до тоа,“ изјави тој, пренесува Си-Би-Ес Њуз.
Во исто време, Зеленски во обраќањето пред новинарите го понуди својот предлог за размена: Украина би можела да им достави „илјадници дронови“ на САД доколку Вашингтон им дозволи на украинските сили да „користат ракети ‘томахавк’“. „Затоа ова е место каде што можеме да соработуваме, каде што можеме да го зајакнеме американското производство,“ рече Зеленски, пренесе Си-Ен-Ен. Трамп го поздрави украинското производство на дронови и рече дека Украина „прави многу добри дронови“, додавајќи дека САД и сами произведуваат и купуваат дронови.
Трамп најави дека ќе разговара и со кинескиот претседател Си Џинпинг за војната во Украина и изрази надеж дека конфликтот ќе заврши. „Ќе разговараме за тоа, но искрено, би сакал да ја видам војната завршена пред таа средба,“ рече тој и додаде дека САД се во „силна позиција“ пред разговорите со Кина, благодарение на царинските мерки.
Во однос на преговорните способности на Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин, Трамп оцени дека „двајцата работат добро“ и дека е клучно да се најде договор. Тој, сепак, изрази и сомнеж дека Москва може да се обидува да купи време со предложувањето на нов самит. „Да, загрижен сум дека можеби се обидува да купи повеќе време… Но, мислам дека тој сака договор,“ рече Трамп, додавајќи дека претходно бил фрустриран од променливото однесување на Путин.
Претседателот Зеленски и Трамп денеска се сретнаа по трет пат годинава. Трамп, кој зборуваше и за својата улога како медијатор, изјави дека украинскиот конфликт може да биде „мојот деветти случај“ во кој тој помогнал да се постигне решение, при што нагласи дека неговата сопруга Меланија Трамп е активна во застапувањето за повторно обединување на украинските деца со нивните семејства.