Американскиот претседател Доналд Трамп, во одговор на новинарските прашања за време на средбата со францускиот претседател Емануел Макрон која се одржа во Белата куќа на 24 февруари, рече дека верува оти Украина можеби ќе може да врати некои од нејзините територии окупирани од Русија, но тоа би било предизвик.
„Прашувате дали тие (Украинците) би можеле или не да ја вратат земјата што ја изгубиле. И јас велам дека да, можеби дел од тоа, да. Но, тоа не е лесна работа“, изјави американскиот претседател.
Како што пренесува Кијив индипендент, Трамп истакна и дека ова прашање е дел од тековните преговори кои неодамна започнаа.
„Ќе видиме“, рече Трамп. „Имаше многу земја што е одземена, па ќе треба да видиме како ќе функционира. Тоа е дел од преговорите“.
Изјавата на Трамп е спротивна на претходно дадената изјава на американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, кој кажа дека е нереално да се очекува Украина да ги врати своите граници од 2014 година, во какви било преговори со Москва.
Подготви: Д. Мишев