ЦИВИЛ одбележува 22 години од основањето
На 25 ноември 1999 година, една група македонски граѓанки и граѓани и една Македонка, американска граѓанка, ги удрија темелите на една од најпознатите организации на граѓанското општество во Република Северна Македонија, ЦИВИЛ – Центар за слобода. Групата основачи беше составена од интелектуалци, уметници, новинари, еден бизнисмен и еден работник.
За дваесет и две години, организацијата спроведе повеќе од 100 проекти во повеќе критични области од општествено-политичките процеси во земјата. Беше пионер на процесот за мир и помирување во 2001 година, една од најпознатите организации која се бореше против нелегалното оружје, водеше големи национални кампањи посветени на мултикултурализмот, човековите права, слободата и демократијата. Популарноста на ЦИВИЛ далеку ги надминува границите на нашата земја и во моментов е една од најреспектабилните граѓански организации на Балканот.
Претседателот и еден од основачите на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, им ја честита годишнината од основањето на организацијата на основачите, членовите на Собранието на ЦИВИЛ и на сите тела и организациски единици, на сите членови и поддржувачи.
„Секој 25-ти ноември е голем ден за нас. Тоа е потсетник за нашата посветеност, доследност и цврстина. Другарки и другари, ви посакувам уште многу успеси во работата и во граѓанскиот ангажман за јакнење на демократијата, владеењето на правото, европските и зелените вредности, мултикултурализмот, социјалната правда, мирот, безбедноста и човековите права и слободи во земјата и во светот. Благодарни сме за несебичната поддршка и огромната доверба која ни ја подаруваат граѓанките и граѓаните. Во името на ЦИВИЛ и во свое име, им благодарам и на сите донатори во текот на овие 22 години. Нивната помош е драгоцен придонес кон нашите заложби за подобро утре на сите граѓанки и граѓани на Северна Македонија и на целиот свет“ – напиша Дерала во својата порака.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Од 2017-та наваму, нашите релации со соседна Бугарија, требаше да кулминираат во искрено пријателство и во поддршка од страна на Бугарија како членка на НАТО и на ЕУ. За жал, по блокадата, по ветото од минатиот ноември, влеговме во една фаза во која наместо да градиме пријателство, сведоци сме на исклучително нарушени билатерални односи. Ситуација која налага потреба да се преиспитаат сите наши чекори што ги правевме од потпишувањето на Договорот за пријателство до денес и да согледаме има ли грешка кај нас. Да видиме која беше причината периодот кој требаше да значи завршување на стагнацијата на односите меѓу двете држави, да се претвори во некаква спротивност“, вели Специјалниот претставник на Владата, поранешниот премиер, Владо Бучковски, за ЦИВИЛ Медиа.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ТРАГЕДИЈА При дополнителен преглед на македонскиот туристички автобус кој изгоре на автопат во Бугарија било пронајдено уште едно тело. Со тоа бројот на жртви се искачи на 45. Оваа информација ја потврди бугарскиот заменик главен обвинител и раководител на Националната истражна служба Борислав Сарафов, објави Бугарското национално радио.
ИСТРАГА Претставниците на Јавното обвинителство на Бугарија денеска пристигнаа во Јавното обвинителство на РСМ и во текот на утрешниот ден ќе им бидат предадени ДНК анализите од роднините на покојните, заедно со документација што е досега обезбедена, пред се одземените документи од „Беса транс“ и податоци од Министерството за транспорт и врски, информираше денеска државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.
ОДЛУКА Претседателот на државата Стево Пендаровски донесе одлука за составот и за именување претседател и членови на Комисијата за помилување. Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, за претседател на Комисијата за помилување е именувана Уранија Пировска, а за членови се именувани Фехми Стафа, Љубомир Јовески, Љубомир Михајловски, Темелко Ристевски, Ерол Рушид, Томислав Кежаровски, Божин Аврамовски, Сафет Aлиу, Зора Митиќ и Билјана Петковска.
МЕДИУМИ Денес во Собранието на РСМ се одржа регионалната конференција на тема ,,Унапредување на дијалогот меѓу парламентите и новинарите од Западен Балкан” која беше во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Собранието на Република Северна Македонија.
ИСТРАЖУВАЊЕ На пазарот на труд има недостиг на квалификувана работна сила, драстично поголема понуда од побарувачката за одредени занимања и дефицит на работна сила со средни вештини, покажува истражувањето на Меѓународната организација на трудот и „Finance Think“ спроведено во девет општини во земјава и тоа во Битола, Кичево, Куманово, Ресен, Свети Николе, Струга, Струмица, Тетово и Штип.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио – интервју на Зоран Иванов со Столе Наумов, новинар, уредник, автор и водител на децениски популарната радио емисја „Стадион“ за себе и новинарството, репортерите и уредниците, бизнисот и медиумите, интернетот и конкуренцијата, уредувачките политики и медиумскиот клиентелизам и за уште по нешто за и околу актуелното македонско новинарство.
ЖУРНАЛ #2: Арнаудова, Трајков, Димитровска, Таравари, Дерала и Нухиу зборуваат за различностите
Во второто издание на ЖУРНАЛ, за различностите зборуваат: Кристина Арнаудова-музичарка и активистка, Горан Трајков – активист, Благица Димитровска-активистка, Арбен Таравари – градоначалник на Гостивар, Џабир Дерала-новинар и активист, и Гуѕим Нухиу – активист.
МОНИТОРИНГ
Мониторинг тимот на ЦИВИЛ го забележа Фејсбук профилот на мразачот Васил Еребичевски, од кој коментира со говор на омраза на вест за трагичната автобуска несреќа во Бугарија, во којашто 45 македонски граѓани ги загубија животитe.
Мразачот Еребичевски во својот коментар на веста вели: „Помалку шиптари“, а се однесува на етничката припадност на жртвите од трагедијата која нè погоди сите како општество, но и цел Балкан.
Д. Муратов