„Во име на организацијата ЦИВИЛ, сакам да соопштам неколку пораки и информации. Како организација сметаме дека невладините треба да направат исчекор да станат уште потранспарентни и да бидат што е можно во поблизок контакт со граѓаните и граѓанките. Долгорочниот мониторинг се интензивира. Постојаната екипа која набљудува веќе започна со мониторинг на политичките партии и граѓанските сектори“, изјави Џабир Дерала на прес конференција на ЦИВИЛ под наслов „Отворено, за сите прашања“.
„Сакам во името на ЦИВИЛ да соопштам две пораки, дека ги повикуваме сите граѓанки и граѓани да пријавуваат случаи на нерегуларности политичка корупција. Поважно е да соопштиме дека ЦИВИЛ ги повикува сите политички партии да бидат транспарентни и да се придржуваат кон законитостите и регуларностите.
Краткорочен изборен мониторинг претставува мониторинг на самото гласање, но и на изборниот молк. Тоа е период кога нашите набљудувачи се супер активни и им се придружува екипа од краткорочните набљудувачи и го набљудуваме сите заедно и денот потоа се до прогласување на победниците. Го сметаме изборниот процес за завршен само тогаш кога сите активности околу изборниот процес се завршени и затворени и веќе нема дилеми околу тоа кој е победник.
Сите набљудувачи на ЦИВИЛ се мобилни и покриваат во просек по 10 избирачки места, што во крајната пресметка ќе излезе дека мониторингот на ЦИВИЛ ќе покрие 45 проценти од избирачките места во целата земја. Се набљудува во 17 категории, плус категоријата друго.
Врз основа на анализата на пристигнатите апликации, иако се во голем број, ЦИВИЛ одлучи да го продолжи рокот за аплицирање за изборни набљудувачи до 10 јули на полноќ. До 10 јули на полноќ заинтересираните ќе можат да аплицираат на онлајн апликацијата која може да се најде на медиумската платформа на ЦИВИЛ и на социјалните мрежи.
Сите заинтересирани за набљудување на локалните избори, можат да аплицираат на следниот линк.
ЛИНК ДО АПЛИКАЦИЈА
Во овој повик ќе им се даде предност на оние кои не живеат во Скопје.
Во рамките на проектот „Европски перспективи“, ЦИВИЛ спроведува мониторинг на дезинформациите, говор на омраза и хибридните закани. Посебен тим за мониторинг е формиран за дезинформациите, говор на омраза и хибридни закани. Медиумската платформа на ЦИВИЛ ги објавува сите извештаи за посебните случаи, но и објавува периодични извештаи за состојбата од овој домен. Сите содржини се достапни за преобјавување, преземање и користење за сите што се заинтересирани.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат случаи на дезинформации, говор на омраза и други случаи на онлајн формуларот ГРАЃАНСКА ПРИЈАВА. ЦИВИЛ ја гарантира анонимноста на сите што пријавуваат. Ние сме познати по тоа како да го заштитиме и сочуваме нашиот извор и тоа ќе продолжи да биде наша пракса.
Проектот „Европски перспективи (следно ниво)“ е најдинамичните проекти на ЦИВИЛ кој се спроведува оваа година во 7 компоненти, со 36 сетови активности со 19 јавни настани, 13 брифинзи, 4 дневна конференција во декември, повеќе од 10 онлајн работилници, 6 семинари за изборни набљудувачи, 10-12 конференции на денот на изборите и 35 инфо-штандови низ цела земја, повеќе од 20.000 содржини на македонски, албански и англиски јазик. Повеќе од 10 работни средби со носители на одлуки на локално и на национално ниво, еден дел од нив веќе се одржани, 40 теренски посети, репортажи, извештаи од терен, повеќе од 1.500 извештаи од мониторингот на изборите, како и учество на 100 авторки и автори во делот на креирање на јавното мислење.
Проектот трае 275 денови, односно од 1 април до 31 декември оваа година.
Во рамки на овој проект имаме уште три сериозни пораки, ЦИВИЛ ги повикува сите релевантни институции да покажат повеќе решителност во справувањето со хибридните закани и обидите за дестабилизација преку ширење етничка и верска омраза во јавната комуникација.
ЦИВИЛ ги повикува сите политички партии да ги надминат тесно-партиските интереси и да им се приклучат на клучните процеси за интеграција и прогрес на општеството и на државата. Ги повикуваме граѓанските организации и медиумите да им дадат предност на европските вредности и прогресот, и да ги отфрлат и осудат дезинформациите и говорот на омразата и национализмот.
ЦИВИЛ го реализира и проектот „Зелено општество за сите“ кое се спроведува во партнерство со Фондацијата Хајринг Бел од Германија со регионална канцеларија во Сараево. Овој проект е продолжение на идеите за застапување и промоција на зелените вредности, антинационализмот и социјалната правда. Оваа година и во контекст на креирање на локалните политики во пресрет на локалните избори кои ќе се одржат во октомври оваа година. една од основните пораки во овој проект во контекст на локалните избори е да се ослободат локалните избори и воопшто локалните политики од националистичките наративи кои ги потценуваат локалните прашања преку наметнување високи „национални“ прашања кои не се ништо друго освен политичко профитерство.
ЦИВИЛ оваа година ќе ги интензивира активностите со кои ќе помогне во формирањето на „движењето на зелените“, и со тоа ќе ја заокружи својата 22 годишна заложба за зелените вредности која е Статутарна и програмска заложба на организацијата уште од 1999 година.
Најведрата и најпозитивната работа на она што го работи ЦИВИЛ е проектот „Направи разлика, почитувај ги различностите“. Овој проект го започнавме во април, работевме многу, а тоа може да се види во рубриката Мултикултура на civilmedia.mk или на drejt.mk на албански јазик. Тоа е проект што се спрведува со поддршка на Министерството за надворешни работи на Луксенбург, и е продолжение на минатогодишната иницијатива „Обединети во различноста“, нагласи Дерала.