Претставниците на ЦИВИЛ денеска се сретнаа со градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, и му го претставија проектот „Заедно за подобра иднина“ кој се спроведува со поддршка од МНР на Луксембург. Со градоначалникот, меѓу другото, се постигна согласност да се преземат заеднички активности за поддршка и промоција на мултикултурата и европските вредности во локалните заедници.
Во месец мај, ЦИВИЛ ќе одржи конференција за предизвиците и перспективите на мултикултурализмот и европските вредности во нашето општество. На тој настан се поканети високи претставнички и претставници на највисоките државни институции, локалната самоуправа, бизнис заедницата, образовните установи, граѓанските организации, етнички и верски заедници и други лидери во заедниците.
Во септември, според првичните договори, заедно со градоначалникот и локалните институции во Чаир, ќе биде распишан конкурс за ликовни творби на тема мултикултурализам во основните училишта.
За време на средбата, градоначалникот Ганиу истакна дека Општина Чаир постојано инвестира во јакнење и промоција на мултикултурализмот. Тој кажа дека е посветен на постојано градење на доверба и добри односи и почитување меѓу заедниците кои живеат во оваа мултиетничка и мултиконфесионална општина.
Градоначалникот Ганиу изрази недвосмислена и целосна поддршка на активностите на ЦИВИЛ и посочи дека и лично и заедно со својот тим ќе се заложи за успех на договорените заеднички активности.
Средбата со градоначалникот на општина Гостивар, како и онаа во Куманово, Штип, и скопската општина Центар, Чаир и во други општини во Скопје и низ земјата, се дел од серијата средби на ЦИВИЛ со носителите на одлуки на локално ниво.
Д. Тахири