ЦИВИЛ денеска одржа мултимедијален настан на кој се промовираше документарниот филм во траење од 68 минути, во кој се сместени активностите од иницијативата „Направи разлика, почитувај ги различностите“.
Документарниот филм содржи пораки за почитување на различностите ипромовирање на мултикултурализмот и европските вредности во нашето општество, од јавни личности кои беа дел од овој проект. На настанот присуствуваа дел од учесниците во оваа извонредно позитивна иницијатива, како и соработници и активисти на ЦИВИЛ.
Направи разлика, почитувај ги различностите е продолжение на извонредно успешната иницијатива „Обединети во различностите“, која тимот на ЦИВИЛ ја спроведе со поддршка од Министерството за надворешни и европски прашања на Големото војводство Луксембург.
Проектот има цел да ги ублажи разорните последици од етничката омраза и антизападните кампањи, преку кампања за јакнење на јавната свест, медиумска продукција и настани што ќе се фокусираат на позитивните пораки за мултикултурализмот и европските вредности.
Во изминатите месеци, ЦИВИЛ покани јавни личности, активисти, политичари, граѓанки и граѓани да зборуваат и да пишуваат за различностите и европските вредности. Сите содржини од оваа иницијатива, може да се прегледаат и прочитаат во рубриката МУЛТИКУЛТУРА, на медиумската платформа ЦИВИЛ МЕДИА.
ЦИВИЛ срдечно им се заблагодарува на сите учесници во оваа иницијатива, за придонесот во јакнењето на мултикултурализмот во нашето општество, и пораките за почитување на различностите.
#Направи разлика, почитувај ги различностите!