ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ На 25 ноември 1999 година, една група македонски граѓанки и граѓани и една Македонка, американска граѓанка, ги удрија темелите на една од најпознатите организации на граѓанското општество во Република Северна Македонија, ЦИВИЛ Центар за слобода. Групата беше составена од независни интелектуалци, уметници, новинари, еден бизнисмен и еден работник.
„На основачите, членовите на Собранието на ЦИВИЛ и на сите тела и организациски единици, на сите членови и поддржувачи на ЦИВИЛ, им ја честитам годишнината од основањето на ЦИВИЛ. Ви посакувам уште многу успеси во работата и во граѓанскиот ангажман за јакнење на демократијата, владеењето на правото, европските и зелените вредности, мултикултурализмот, социјалната правда, мирот, безбедноста и човековите права и слободи во земјата и во светот“, вели Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ.
Седницата на Централниот одбор на СДСМ, која беше одложена во вторникот поради тридневната жалост, треба да се одржи вечер и на неа се очекува да биде разгледана оставката на претседателот на партијата Зоран Заев. Доколку оставката биде прифатена, почнува постапка за избор на нов претседател на партијата. Според Статутот на партијата, предвиден е рок од 15 дена за распишување внатрепартиски избори за нов претседател на СДСМ. Изборите се непосредни, со тајно гласање за сите пријавени членови. Новиот претседател, како што најави самиот Заев, треба да биде и мандатар на новата влада. Во јавноста веќе кружат неофицијални имиња за иден премиер.
Партијата Алтернатива за вечер во 18 часот има закажано седница на Централното претседателство, што беше одложена поради тридневната жалост и автобуската несреќа во Бугарија. Членовите на Централното претседателство треба да му дадат насока на Централното собрание, највисок орган на партијата, кое треба да донесе финална одлука дали Алтернатива ќе се приклучи кон Владата и парламентарното мнозинство или ќе остане во опозицискиот блок.
ШТРАЈК Претседателите на синдикатите на машинскиот и извршен персонал во Железници на РСМ Транспорт, Тони Димовски и Душко Чакаровски за денеска од 7 часот најавија прекин на железничкиот сообраќај, поради неисплатен втор дел од платата за октомври.
Собраниската Комисија за финансирање и буџет ќе го одржи последниот ден од општата расправа за Предлог-буџетот за следната година, а утре треба почне амандманската расправа која се очекува да заврши в среда. За Предлог-буџетот се поднесени вкупно 223 амандмани. Расправата за буџетот не продолжи неделава поради откажувањето на сите собраниски активности по автобуската несреќа во Бугарија.
МЕДИУМИ Во Собранието на Р. Северна Македонија, ќе се одржи регионалната конференција на тема ,,Подобрување на дијалогот меѓу парламентите и новинарите од Западен Балкан” која е во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) со поддршка и во соработка со Собранието на Република Северна Македонија, на која ќе има високи претставници од параламентите од Црна Гора, Р.Србија и Р. Босна и Херцеговина.
Д. Муратов