ЦИВИЛ, организација за човекови права и слободи, прва во Северна Македонија и меѓу првите во светот ја осуди руската брутална агресија врз Украина што започна на 24 февруари. Уште во првите часови од инвазијата стана очигледно дека руската војска нема намера да ги почитува Женевските конвенции и хуманитарното право.
Цивилите, меѓу кои и жени и деца, беа првите што го почувствуваат огнот на тешкото вооружување во ракетирањето и бомбардирањето на станбени објекти, болници, училишта и градинки. Сега, по воспоставување на контрола на дел од претходно окупираните области на Кијив и други жаришта низ Украина, на површина излегоа поразителни и шокантни докази за невидени воени злосторства извршени врз невооружени цивили, систематско убивање, тортура и силување.
Со крајно згрозување и осуда за кои не може да се најдат доволно зборови, ЦИВИЛ го искажува својот револт против воените злосторства и солидарноста со украинските граѓанки и граѓани. ЦИВИЛ бара од меѓународната заедница да преземе решителни чекори за итно ослободување на цела Украина од руските агресори.
ЦИВИЛ изразува згрозеност и крајна осуда за сите што ја поддржуваат руската агресија врз Украина и се обидуваат да манипулираат со мрачните факти за воените злосторства, ширејќи притоа дезинформации и валкана пропаганда. Воедно, ЦИВИЛ ја поздравува одлуката на македонската влада кривично да ги гони оние поединци, групи и структури кои изразуваат поддршка за руската агресија и воените злосторства.
ЦИВИЛ ги повикува своите членови и поддржувачи, како и сите граѓанки и граѓани на Северна Македонија да се приклучат кон хуманитарните акции за помош на Украина и украинските бегалци. Секој може да помогне!
Линк до фотографии (предупредување: вознемирувачка содржина)
Линк до видео (предупредување: вознемирувачка содржина)